Фото: Министерство за здравство

Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска ги негираше информациите дека лекот „трикафта“ е поскапен и посочи дека интензивно се работи на позитивната листа на лекови. Меџити исто така побара од Обвинителството побрза разрешница на случајот со Клиниката за онкологија.

– Следната недела „трикафта“ пристигнува, ќе биде доделена на пациентите. Дванаесет пациенти веќе примаат терапија, а други пациенти ќе бидат вклучени во согласност со сите критериуми што се дадени од експертите на Детска клиника – информираше тој.

На новинарско прашање до каде се активностите околу позитивната листа на лекови, тој рече дека интензивно се работи на тоа.

– Се работи интензивно. Голем број апликации се разгледани и ќе бидете сведоци оти голем дел од тие лекови ќе бидат вклучени на позитивната листа – кажа министерот.

Прашан до каде е случајот со Онкологија во Обвинителство, тој повторно повика на негова разрешница.

– Повторно повикувам, Обвинителството веќе навистина е крајно време и тие самите да се тргнат од тој товар дека правниот систем не функционира во државата. Нека повелат господата и нека излезат со конкретен одговор и да се знае еднаш засекогаш кој е виновен – одговори министерот.

Тој рече дека како член на Владата, верува во системот на државата.

Во врска со болниците во Штип и Кичево, Меџити рече дека за Штип е активирана банкарска гаранција, и оти истото ќе биде и за Кичево.

– Конкретно за Штип, како што тогаш ја креиравме таа динамика, активиравме банкарска гаранција, веќе пред Нова година или после, ќе објавиме тендер меѓународен за да се доизгради клиничката болница, а истото ќе биде и за Кичево. Ќе се почитуваат сите процедури, административни работи. Јас сум тука да им седам на врат, на глава, на сите и на службите за да може овие проекти големи за интересот на сите граѓани, да се стават во функција – рече министерот.