Технолошкиот развој забрзано го менува современото војување, но за постигнување оперативен и стратешки успех клучни се способноста за адаптација, лидерството, човечкиот потенцијал и отпорноста на општеството. Ова го истакна началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, на панел-дискусијата „Еволуција или револуција во војувањето? Од Заливската војна до Украина: континуитет, промени и иднината на колективната одбрана на НАТО“.
Настанот беше организиран од Институтот за национална историја – Скопје, во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“, со цел да се отворат прашања за влијанието на технолошките иновации врз воените операции и иднината на колективната одбрана.
Лафчиски нагласи дека современите технологии се важен двигател на промените на бојното поле, но нивната примена сама по себе не гарантира успех.
– Технологијата ја поттикнува револуцијата во војувањето. Адаптацијата, односно способноста брзо да се приспособите, и лидерството или човечкиот потенцијал одредуваат дали технолошките предности ќе се преточат во оперативен и стратешки успех – истакна Лафчиски.
Осврнувајќи се на Заливската војна од 1991 година, тој посочи дека примената на прецизни удари, воздушната супериорност, стелт-технологијата и почетните процеси на дигитализација на бојното поле, во комбинација со новите воени доктрини и здруженото командување, им овозможиле на коалициските сили да ги остварат поставените воени цели.
Искуствата од овој конфликт подоцна биле применувани и во Авганистан и Ирак, каде што во почетните фази биле постигнати значајни воени резултати. Сепак, Лафчиски посочи дека со текот на времето и противниците се приспособувале на новите технологии и методи на војување, потврдувајќи дека адаптацијата е неопходна за одржување на воената предност.
– Противникот научи од тоа и се адаптираше. Технологијата не победува секогаш и противникот не мора секогаш да ја следи најсовремената технологија за да може да се натпреварува. Постојат и други методи што можат да бидат клучни за победа или за опстанок во војната – рече Лафчиски.
Говорејќи за војната во Украина, началникот на Генералштабот оцени дека конфликтот ја покажува брзината со која се развиваат и применуваат новите воени технологии, особено беспилотните системи, вештачката интелигенција, сензорите и разузнавачките капацитети.
Според него, одлучувачко прашање е која страна може побрзо да ги извлече поуките од борбените искуства и да ги претвори во нови оперативни способности.
– Адаптацијата е еден од најрелевантните фактори. За адаптација ви е потребен добар човечки потенцијал, команден и лидерски потенцијал. Тоа се работи од исклучителна важност за модерното војување – нагласи Лафчиски.
Тој заклучи дека современото војување не зависи само од технолошката надмоќ, туку и од способноста на државите и армиите навремено да ги усвојуваат новите технологии, да ги приспособуваат своите доктрини и да обезбедат ефикасно лидерство и општествена поддршка.
Директорот на Институтот за национална историја, Митко Панов, истакна дека целта на панелот е преку дијалог меѓу академската заедница и безбедносните институции да се анализираат современите предизвици низ призмата на историските искуства.
Тој посочи дека забрзаниот технолошки развој, актуелните воени конфликти и сè поголемата улога на вештачката интелигенција бараат нови анализи и пристапи во проучувањето на војувањето.
– Треба да учиме од минатото за да можеме соодветно да одговориме на сите предизвици што ни следат како држава и како нација во иднината – рече Панов, оценувајќи дека станува збор за процес на еволуција и приспособување на државите и општествата кон новите начини на војување.
Панов додаде дека географската положба на Македонија низ историјата ја правела важна стратешка крстосница, поради што историските искуства можат да помогнат во разбирањето на денешните безбедносни и геополитички предизвици.
На панелот се обрати и Зоран Иванов од Институтот за национална историја, кој истакна дека дебатата треба да поттикне поширока стручна расправа за влијанието на современите технологии, вклучително и вештачката интелигенција, врз оперативното опкружување и воените стратегии.
Според Иванов, иако постојат различни гледишта за тоа дали промените во современото војување претставуваат револуција или еволуција, клучно е институциите навремено да ги разберат и да се приспособат на новите околности.
– Самата технологија по себе ништо не значи, како што ниту самата институција по себе ништо не значи. Мораме да направиме спој на тие две работи за да дојдеме до вистинскиот ефект и соодветно да одговориме на брзите и динамични промени во оперативното опкружување – истакна Иванов.
Тој нагласи дека анализата на конфликтите бара непристрасно разгледување на условите, влијанијата и актерите што ги обликуваат безбедносните предизвици, како и навремено градење институционални капацитети за справување со нив.
































