Марсеј денеска воведе забрана за јавни собири и протести во поголемиот дел од денот, по насилните демонстрации и грабежи што го зафатија градот за време на викендот. Во меѓувреме, во Париз студенти го блокираа влезот во музејот Лувр, изразувајќи поддршка за движењето на средношколците и осудувајќи ја, како што велат, полициската репресија, пренесе „Ле Монд“.
Забраната во Марсеј ќе важи од 12 до 20 часот по локално време. Локалните власти ги забранија сите „собири и протести“ по насилството и грабежите што избувнаа на маргините на саботните демонстрации.
Се очекува францускиот министер за внатрешни работи, Лоран Нуњез, во текот на попладнето да го посети градот.
Во Париз, пак, студенти утринава го блокираа пристапот до Лувр, во знак на поддршка за средношколското движење и против полициското постапување. Информацијата ја пренесоа локалните медиуми, повикувајќи се на управата на музејот и на два синдиката.
– Горди сме што можеме да објавиме дека го блокираме најголемиот музеј во светот – се наведува во леток поставен во близина на Лувр.
Од управата на музејот посочиле дека протестот не е директно поврзан со Лувр, туку дека објектот се користи како „платформа за пренесување на пораката“. Поради блокадата, музејот не можел да ги отвори вратите во вообичаениот термин, во 9 часот.
Протестот е дел од поширокото движење на средношколците, кое започна во средината на септември. Демонстрациите се одржуваат два дена по големиот национален протест против високите трошоци за живот, кој во повеќе француски градови прерасна во хаос.
































