Фото: Влада

Средбата меѓу лидерот на Алтернатива, Африм Гаши и експремиерот и експретседател на СДСМ Зоран Заев, од пред два дена, за актуелниот премиер Димитар Ковачевски е пријателска средба меѓу соработници. Премиерот Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање, денес, по одлуката за покачување на минималната плата, како пријателска ја оправда средбата која предизвика голем интерес во јавноста.

-Тоа го коментирам како пријателска средба на луѓе кои соработувале како дел од Влада. Нормално е луѓе кои се пријатели меѓу себе да имаат средби. Исто како што јас сум имал средби кога не сум бил премиер, како што имам средби сега, додека сум премиер и како што ќе имам средби понатаму во мојата кариера – рече премиерот Ковачевски.

Откога викендов фотографија од средбата се појави на социјалните мрежи, тргнаа лавина критики за Гаши и Алтернатива од кои најжестоките го осудуваа зошто седнува на маса со член на СДСМ откако партијата беше исфрлена од Владата.