Денеска во Битола, во Заводот и Музеј беа одбележани 124 години од дипломирањето на Мустафа Кемал Ататурк во Воена гимназија во Битола.
На свеченоста покрај амбасадорот на Република Турција Хасан Мехмед –Секизќок и градоначалникот на Битола Тони Коњановски, присуствува уште заменик министерот за одбрана Тирон Јајага, заменик началникот на Генералштабот на Македонија Азим Нуредини, претседатели на турските политички партии, претставници на институции на Турција, како и претставници на турската заедница во Македонија,
За ликот и делото на преродбеникот Ататурк зборуваше амбасадорот на Турција во Македонија Хасан Мехмед Секизќоќ
-Воените гимназии, меѓу кои е и Воената гимназија на Битола под чија купола сме собрани денес, со своите високи квалификации се издвојувале меѓу образовните институции на отоманската држава. Со определувањето на Мустафа Кемал во млади години да стекнува воено образование, почнува да се оформи и неговиот животен пат. Поаѓајќи од ова, треба да се истакне дека Воената гимназија на Битола има посебно место во нашата историја. Мустафа Кемал, почнувајќи од месец март 1896 та година, 3 години се образуваше токму овде. Овде почна да се оформи и основата на неговите идеи. Беше мултидимензионална личност. Интересот кон историјата, литературата и националните движење од една страна, како и политичките и воените биднувања во и околу Македонија од друга страна, играа значајна улога во развојот на неговата личност. Со успех дипломираше од ова училиште. Заедно со знаењата и искуствата стекнати овде, несомнено и градот значаен од политички и културен аспект, Битола, имаше позитивен импакт во оформувањето на визионерската личност на Мустафа Кемал. Меѓу класните другари на Мустафа Кемал од Битола се истакнуваат Али Фетхи Окјар, по потекло од Прилеп, и Ќазим Озалп, по потекло од Велес. Овие две имиња имаа значајна одговорност во процесот на формирањето на Републиката, ги извршуваа задачите на Претседател на Собрание, односно Премиер. Мустафа Кемал по стекнувањето на чинот капетан од прва класа во 1907 година, беше пратен на должност при Штабот на третата армиска област во Солун и повторно се врати во Македонија. Заедно со другите задачи, беше одговорен и за надзор на железничката пруга Скопје-Солун – рече амбасадорот.

Мустафа Кемал почнувајќи од времето во воената гимназија, низ целиот свој живот настојувал да се развие и ажурира себе сѝ, и да го направи најдоброто за Турција.

-Тој се издвојувал и по својата разумност, мирољубивост и визионерство. Ататурк, кој значаен дел од својот живот го минал низ фронтови, со својот гномски израз „Мир во земјата, мир во светот“, го потцртал значењето на живеењето во мир на целото човештво – Мехмед Секизќоќ.

Обракајќи им се на присутните заменик началникот на Генералштабот генерал-мајор Азим Нуредин рече дека е привилегија што тој има чест да се обрати по повод 124 години од дипломирањето на Воената гимназија во Битола на визионерот, лидер, обединител и државник–Мустафа Кемал Ататурк, која се одржува во годината која за жал никогаш нема да се заборави ниту, преболи, кога на 6 февруари се случи страшна трагедија со неизмерно тешки последици која ги погоди Кахраманмараш и уште 10 други провинции. Во најкраток можен рок, се вклучија сите НАТО сојузници и други земји од светот со цел за справување со последиците од земјотресот.
-Оваа врска помеѓу Турција и Македонија ја започнува Мустафа Кемал Ататурк уште во 1896 година, кога се запишува на Воената гимназија. Во своето тригодишно школување, овде во Битола успехот кој го постигнува и стекнувањето на основните воени вештини, му ги отвораат вратите за запишување на Воената Академија во Истанбул, каде го продолжува својот развој како воен лидер. Зачетокот на оваа партнерство низ годините преминува во континуран процес на билатерална соработка помеѓу Вооружените сили на Турција и Армијата на Република Северна Македонија кој придонесува за продлабочување на соработката и пријателските односи. Преку различните форми на соработка Турција значително придонесува за развојот и модернизацијата на Армијата на Република Северна Македонија – Нуредини.
По официјалнот дел амбасадорот на Туркија и другите гости ја посетија спомен собата на Мустафа Кемал Ататурк.
М.М.

Фото: М.М.