Фото: Влада

Руската воена агресија во Украина е неиспровоцирана и неоправдана и е сериозно кршење на меѓународното право, истакна премиерот Димитар Ковачевски на Вонредната средба на шефовите на држави или влади на членките на НАТО во Брисел.

Ковачавски истакна дека земјава се придружува кон повиците до Русија веднаш да ја прекине воена акција и да ги повлече сите воени трупи и капацитети од Украина и ја поздрави „храбрата одбрана на Украина која ја штити слободата на своите граѓани и суверенитетот на државата“.

– Во таа насока Северна Македонија силно го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, во нејзините меѓународно признати граници и нивното право слободно да ја избираат својата надворешно-политичка ориентација и безбедносни аранжмани – порача премиерот Ковачевски, пренесе МИА.

Како што соопшти владиниот Сектор за односи со јавноста, Ковачевски потенцира дека во овие несигурни времиња, гордост е да се видат сите придобивки од единството на НАТО и ЕУ во одговорот на воената агресија на Русија во Украина, кои вклучуваат и важни чекори за зајакнување на одбранбените капацитети на источното крило на алијансата.

Тој истакна дека земјава обезбеди хуманитарна помош и медицински материјали за Украина и дека е подготвена да ги прифати украинските бегалци кои би дошле во земјата.

Премиерот Ковачевски посочи дека внимателно се идентификувани и се следат агресивните активности на Русија и во регионот на Западен Балкан и дека тие имаат за цел да ги поткопаат угледот и довербата во НАТО и ЕУ, да предизвикаат безбедносна криза која ќе влијае на стабилноста и просперитетот на Западниот Балкан и да создадат дилема околу стратешката улога на НАТО и ЕУ во регионот.

Ковачевски укажа дека НАТО и ЕУ мора да го задржат кредибилитетот на своите политики во регионот за дополнително зајакнување на безбедноста.

Политиката на отворени врати на НАТО, потенцира премиерот, беше историски успех кој обезбедува траен мир и безбедност на целиот европски континент, наспроти отсуството на кредибилна европска и евроатлантска перспектива за Западниот Балкан, која може да има повеќекратни негативни тенденции.

Ковачевски дополни дека проширувањето на ЕУ ќе ја зголеми безбедноста и ќе ја консолидира демократијата и затоа е од исклучителна важност за Северна Македонија и Албанија да започнат преговори за пристапување во ЕУ без натамошни одложувања.