фото: Влада

Граѓаните наМакедонија заслужуваат најголем кредит, бидејќи предолго го чекаа овој момент. Разбирам зошто се чувствуваат фрустрирано и уморно одејќи по тој долг пат кон Европа. Но, ние немаме друга алтернатива која ќе ни овозможи подобар животен стандард, нагласи попладнево премиерот Димитар Ковачевски на Генералната дебата на 77-то Генерално собрание на Обединетите Нации во Њујорк (САД).

Премиерот нагласи дека и покрај сите потешкотии, Европската Унија е се уште најдобрата опција.

– Ние едноставно ја немаме ниту можноста, ниту привилегијата да се откажеме сега. Сега е вистинското време да продолжиме со полна пареа уште побрзо напред. Членството на Северна Македонија во ЕУ е од суштинско значење и за самата ЕУ посебно во новите околности на глобален план – истакна Ковачевски кој додаде дека мора да се осигура евроинтеграцискиот демократски пат на Западниот Балкан како придонес во европскиот мир.

Тој посочи дека Македонија работи низ фокус на решенија и низ заедништво во предизвиците кои не познаваат државни граници, етнички, јазични, религиски или други разлики.

– Сите сме на истиот брод и немаме друг избор освен солидарно да се поставиме едни кон други и обединето да дејствуваме во одбраната и унапредувањето на основните вредности – слободата и мирот во светот. Мирот се постигнува преку компромиси, но се чува со меѓусебно разбирање – рече премиерот.

Ковачевски во својот говор се осврна и на руската агресија врз Украина, нагласувајќи оти загрижувачки е тоа што агресијата доаѓа од постојана членка на Советот за безбедност на ОН – Руската Федерација и тоа што низ насилство одлучува да решава предизвик. Покажувањето сила на една географски помала држава определена да споделува деморкатски вредности, според премиерот, е недозволив преседан.

– Силата е во заедништвото, оваа лекција дека здружено можеме повеќе отколку сами, денес светот ја учи во неочекуваните околности во кои сме соочени, прво пандемијата сега и суровата војна во Украина, неопходно е заедништво на демократскиот свет – заклучи Ковачевски, повикувајќи на решенија низ солидарност, одржливост и наука.

Во обраќањето пред светските лидери тој се осврна и на нарушеното снабдување со храна на светот, бегалскиот бран предизвикан од конфликтот, како и климатските промени и природните катстрафи предизвикани од нив.

– Цел на Северна Македонија е мир. Ние сме земја која учи дека пријателството зависи од заедништото. Нашата земја  е пример за мултиетничка демократија во регоинот и во светот, и значаен партнер на ЕУ и на сојузниците од НАТО – рече Ковачевски.

Тема на годинашната генерална дебата е „Tрансформативни решенија на испреплетени предизвици“.