Фото: Влада

Скрининг процесот за пристапување на Македонија во Европската Унија, очекувано е да заврши за 14 месеци, а согласно темпото со кое се работи, реално е членството во Унијата да биде 2030 година, нагласи премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „Гласот на Америка“.

Премиерот нагласи дека пристапот на Владата кон отпочнување на преговорите е многу сериозен – формирана е преговарачката структура, во преговорите е вклучена академската заедница, невладиниот сектор, деловната заедница.

– Ние во моментов имаме 45 отсто усогласено наше законодавство со европското и со отпочнувањето на преговорите многу сериозно пристапивме кон оваа тема, веќе имаме направено преговарачка структура која беше официјализирана од страна на Владата. Имаме назначено главен преговарач, тоа е вицепремиерот за европски интеграции.  Главен советник на преговарачкиот тим којшто е поранешен главен преговарач и постојан претставник на Република Хрватска, што значи дека донесовме едно значајно искуство. Вклучени се во преговорите и академската заедница, невладиниот сектор, деловната заедница итн – потенцираше Ковачевски.

Премиерот наведе дека Македонија е држава која најбрзо се интегрира и во НАТО и додаде дека во земјава ќе бидат активирани сите прогресивни сили кои се за членство во ЕУ.

– Ние исто така бевме оптимисти при комплетното усогласување после влегувањето во НАТО и бевме држава која најбрзо ја направи интеграцијата во НАТО структурите од сите претходно кои влегувале во НАТО. Затоа сум реален оптимист дека до 2030 година можеме да станеме членка на ЕУ вклучително на тоа што планираме да ги активираме сите прогресивни сили во државата кои се за членство во ЕУ – истакна Ковачевски за „Гласот на Америка“.

Во однос на енергетската криза, Ковачевски уште еднаш повтори дека престојната зима ќе биде најтешка после Втората светска војна и посочи дека Владата интензивно работи на изнаоѓање на решенија за заштита на основните потреби на граѓаните. Нагласи дека се остварени контакти со Србија, Бугарија и со Грција за набавка на електрична енергија за стопанството и за суровини за дополнително производство на електрична енергија за домаќинствата.

– Го имаме зголемено и производството на електрична енергија во државните капацитети РЕК Битола, Осломеј и ТЕЦ Неготино. Со тоа ја обезбедуваме електричната енергија за граѓаните и малите потрошувачи. Некаде околу 600.000 домаќинства и 70.000 мали компании добиваат субвенционирана струја од 80 отсто – што значи дека доколку не е субвенцијата од државата, тие би плаќале пет пати поголеми сметки за енергија. Она што во моментов го правиме е да обезбедиме електрична енергија преку директни договори со други држави за стопанството односно за големите потрошувачи на либерализираниот пазар со оглед на тоа што цените кои во моментов се на светските енергетски берзи, не се соодветни за македонското стопанство, меѓутоа не се соодветни за ниедно друго стопанство во регионот и Европа. Ќе продолжиме во таа борба за обезбедување на енергенси – рече претседателот на владата.