Одбележување на 35-годишниот јубилеј од независноста на Македонија и претставување на македонското културно наследство во срцето на Европа
Денес, на 8 Септември – Денот на македонската државност – во срцето на Брисел се случи можеби мал настан по своите димензии, а огромен по своето значење.
Светски познатата статуетка од Брисел Манекен пис проговори на македонски јазик, и тоа без зборови
Најпознатото момче на Брисел, симболот на градот и една од неговите најпрепознатливи икони, денес, на 8 Септември, на Денот на независноста на Македонија, потврдена со референдумот од 1991 година, на јубилејната 35 годишнина, за прв пат во историјата на Брисел и бриселскиот најпознат симбол, статуетката Манекен пис беше облечена во македонска народна носија, во традиционална машка носија од с. Кучевиште од Скопска Црна Гора.
И не беше тоа само облекување на една мала бронзена статуетка. Беше потврда и промоција на една национална историја. На една култура што преживеала векови. На еден јазик што не престанал да зборува. На едно име што не исчезнало. На еден народ што, колку и да било тешко, останувал свој.
Пред очите на Брисел, пред Европа, македонската песна денес се слушна со- македонската химна
Македонската носија помина низ улиците на европската престолнина, во свечена процесија, меѓу луѓе и институции, не како музејски експонат, туку како жива култура. Токму затоа, оваа слика ќе остане подолго од еден ден. Зашто Македонија денес не бараше дозвола да биде Македонија. Не бараше ничие одобрение за својот јазик. Не се откажуваше од своето наследство. Не менуваше симболи за да биде прифатена. Не се откажуваше од себе за да влезе во Европа. Само дојде. Со својата песна. Со својата носија. Со своето име. И застана исправено.
Од Македонија до Брисел
Македонија денес, на својот голем празник, на Третиот Илинден, со љубов го освои срцето на Европа. Носија од едно мало македонско село до еден од најпознатите европски симболи. И повторно денес, на еден значаен датум и јубилеј, на 8 Септември, Македонија доби едно можеби најнеобично, но навистина моќно сведоштво за својата историја- малото бриселско бронзено момче облечено во македонска носија. Мало по става, но големо по пораката. Македонија постои! Македонија памети! Македонија денес слави! И игра и пее и се радува. И Македонија — не се предава!






































