Фото: Принтскрин

Не се чувствувам Бугарин, јас сум Македонец! И тоа никој не може да ми го одземе, роден сум таму, кажа поранешниот македонски фудбалски репрезентативец Дарко Тасевски, во интервју за бугарскиот портал „Блиц Спорт“.

Искусниот играч за врска кој настапува за Славија Софија, истакна дека имал барања од политичари од двете страни за затоплување на односите помеѓу Македонија и Бугарија, но нагласи дека ги смета токму политичарите за виновни за заладувањето на односите.

– Имав многу покани од политичари од двете страни да им помагам во затоплувањето на односите, но не сакам да навлезам во такви работи. Ме канеа политичари и од Бугарија и од Македонија, но токму тие се виновни за залагадувањето на односите, бидејќи немаше таков голем проблем помеѓу двата народи до пред три-четири години – смета Тасевски.

Македонскиот фудбалер кој има бугарско државјанство и е оженет со Бугарка, напомена дека секогаш мислел оти може да биде врска помеѓу двата народа.

– Јас ја чувствувам љубовта на луѓето тука, ги уважувам сите и секогаш сум мислел дека можам да бидам врска меѓу двата народи – изјави Тасевски, кој по завршување на оваа сезона ќе стави крај на кариерата.

Тасевски кариерата ја почна во Вардар, а играше и во Украина, Бугарија, Израел и на Тајланд, а го носеше и дресот на македонската репрезентација.