Фото: Принтскрин

Албански демонстранти закачија албанско знаме на статуата на Винстон Черчил пред зградата на британскиот парламент во Лондон, протестирајќи против изјавата на британската министерка за внатрешни работи Суела Браверман за „инвазија“ во Британија, пренесуваа британските медиуми.

Ваквиот потег предизвика негодување кај повеќемина британски политичари кои го осудија гестот. Лидерот на десницата Најџел Фараж го осуди однесувањето, велејќи дека „тие луѓе не се грижат за Британија или за жртвите од минатото“.

– Ова што денес се случува во Лондон е срамно – рекол Фараж, пишува „Дејли мејл“.

Реагираше и конзервативецот Том Хант.

– Не знам како мислеа дека ова ќе ги доближи до народот на оваа држава. Како мислеа дека ставајќи го државното знаме врз споменикот на нашиот национален херој ќе биде било што, освен навредливо, ужасно и контрапродуктивно во однос на тоа што сакаат да го постигнат – кажа Хант.

За ториевецот Џон Хејс, гестот на Албанците е особено навредлив бидејќи се случува додека Британија им одава почит на жртвите од војните во изминатиот век.

– Навредливо е и зачудувачки што во време кога се сеќаваме на двете европски војни и на другите конфликти во 20-от век, овие демонстранти целеа статуа на нашиот голем воен лидер сер Винстон Черчил. Ова е длабоко навредливо, додека се собираме во сеќавање на загинатите – порача Хејс.

Британските министри велат дека Албанците стојат зад бранот мигранти кои го минуваат Ла Манш и дека некои од нив се вмешани во организиран криминал.

Албанските демонстранти побараа од британската влада да ги почитува како луѓе и да ги штити нивните човекови права, нагласувајќи дека не сите Албанци се криминалци.

Тие носеа транспаренти на кои пишуваше „моите родители не се криминалци“, „Риши Сунак да ја исфрли Суела“, „Суела шири лаги како Круела“, „Горд што сум Албанец“…

Британската министерка за внатрешни работи се најде на удар на острата реторика во парламентот во врска со миграцијата.

– Британскиот народ заслужува да знае која партија е сериозна за запирање на инвазијата на нашиот јужен брег, а која не е. Околу 40 илјади луѓе пристигнаа на јужниот брег само годинава. Многумина од нив се поврзани со криминални групи, а некои од нив се и членови на криминални групи. Затоа да престанеме да се преправаме дека тие се загрозени бегалци – кажа Браверман.

Се проценува дека од почетокот на годинава во Британија дошле 40.000 мигранти, од кои 12.000 се Албанци.

Велика Британија минатиот месец депортирала 350 лица, од кои над 100 биле Албанци.