Фото: МИА/Архива

Се одбива обвинението за поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков за случајот „Титаник 2“, врз основа на измените од Кривичниот законик, соопшти Апелациониот суд Скопје.

– Апелациониот суд Скопје постапувајќи по кривичниот предмет во јавноста познат како „Титаник 2“, по одржаната јавна седница на 15 септември 2023 година, а по извршено советување и гласање на 29 септември 2023 година, донесе пресуда со која делумно ги уважи жалбите на обвинетите М.Т., Б.И., В.С., С.С..и пресудата на Основниот кривичен суд Скопје ја преиначи во делот на одлуката за кривичната санкција. Истовремено, под став 2 од изреката, по повод жалбите на обвинетиот С.М., а по службена должност, пресудата на Основниот кривичен суд Скопје ја преиначи во делот спрема обвинетиот С.М., носејќи одлука со која се одбива обвинението, согласно член 402 точка 6 од ЗКП – информираа од Апелација.

На останатите обвинети, поранешни членови на Изборната комисија, Мендух Тачи, Сашо Срцев, Бедредин Ибраими и Влатко Сајкоски, Апелација им ги преиначи затворските казни во условни. Тие, заедно со Мијалков, претходно беа осудени на по две години затвор.

Според обвинението на СЈО, Мијалков преку лидерот на ДПА, Мендух Тачи, нарачал да му наложи на сопартиецот од ДИК, Бедредин Ибраими, да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица, во корист на Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ, на штета на тогашниот кандидат за градоначалник, Зоран Заев. Кривичниот суд во 2019 година го осуди Мијалков за „Титаник 2“, а во декември истата година Апелациониот суд ја укина пресудата поради суштествени повреди на постапката и случајот го врати на повторно судење.