Фото: МИА

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, денеска ја коментираше изјавата на американската амбасадорка во Македонија, Анџела Агелер, за изборот на шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази. Нејзината реакција, според Ахмети, е принципиелна и додаде дека ДУИ за ова прашање веќе со години бара сеопфатен ветинг.

– Изјавата на американската амбасадорка е принципиелна. Борбата против криминалот и корупцијата мора да биде бескомпромисна. Изборот на законодавните тела треба да бидат независни органи и сето ова време промовиравме дека тизвршната власт треба да биде независна и ние веќе неколку години инсистираме да се направи ветинг, во сите државни институции. Без соодветен ветинг не можеме да бидеме успешни во борбата против криминалот и корупцијата и владеењето на правото. Ние сме за владеење на правото, ние сме за ветинг – изјави Ахмети.

Американската амбасадорка Агелер во петокот, во одговор на прашање на „360 степени“, изрази отворено незадоволство од исходот на неодамнешните избори за нов шеф на ОЈО ГОКК.

– Ние, во Амбасадата на САД секако дека резултатите ги сметаме за збунувачки, особено откако во изминатите години потрошивме милиони долари на обука на обвинители и други во правосудниот систем. Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат независен правосуден сектор во кој позициите се пополнуваат по заслуга и квалитет (по мерит), низ транспарентни процеси, без разлика дали се во обвинителство, судство или која било друга јавна институција. Политичкото мешање нема место во овие постапки. Оние што би се вмешале преку вршење притисок, закани или коруптивни зделки од позадина треба да бидат повикани на одговорност од граѓаните – порача амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер.

Избраниот обвинител Абази, во телефонски разговор за Канал 5, како што пренесува телевизијата, рекол дека не сака да навлегува во такви коментари.