Фото: Архива / Игор Бансколиев

Насока да ги облекуваат децата потопло за да се штеди на струја исплашила родители чии деца одат во градинка во Скопје. Велат дека вчера учителките им дале таков совет зашто не можат да вклучат греење пред грејната сезона, иако наутро е студено, за да може да штедат електрична енергија. Денес, некои од нив нѐ информираа дека проблемот бил решен со интервенција на градоначалникот. Директорите на градинките со кои што разговаравме уверуваат дека немаат намера да штедат на сметка на здравјето на децата, а дека градинките ќе бидат топли денеска изјави и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

– Зарем од децата треба да почне штедењето? Не смее да е студено во градинките, ниту да се забранува да се вклучи греење кога надвор се ниски температурите. Ако не, да се организираме и да доплатиме за струјата, тоа ли е поентата – реагира родител.

Разговаравме со директори на неколку градинки. Велат дека иако се трудат да штедат електрична енергија, ако има потреба ќе се топли и пред почетокот на грејната сезона.

– Да, штедиме електрична енергија, но ако треба да се затоплува нема да штедиме на тоа. За среќа изолацијата на објектите е добра и нема потреба да се вклучуваат клима-уреди. До сега не сме имале реакција од родители. Ако треба да се затоплува немаме намера да го ризикуваме здравјето на децата и ќе топлиме – вели Цветанка Милкова, в.д. директорка на градинката „Буба Мара“ во општината Аеродром.

Дека не се штеди на затоплување тврдат и од градинка во скопска Кисела Вода и во Битола.

– Кај нас не се дадени такви насоки да се облекуваат децата потопло. Ако има потреба ќе вклучиме греење за децата. Располагаме со парно на пелети, на нафта, клима уреди-инвертери. Греењето ќе го организираме согласно тоа што ќе биде најповолно – вели Катерина Бојковска од градинката „Гоце Делчев“ во општината „Илинден“.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска изјави дека не треба да се плашат ниту родителите, ниту општините, дека може да се доведе во случај да нема парно во градинките.

– Парно ќе има и за граѓаните и за градинките, бидејќи Владата е одговорна, се грижиме за граѓаните и ја менаџираме енергетската криза – изјави Тренчевска.

Таа посочи дека греење за градинките и сите останати институции ќе има, како и дека градинките не се на индустриска струја, па со тоа, како што истакна, немаат големи сметки, а голем дел од нив се енергетски ефикасни, со што заштедуваат електрична енергија.

– Покрај блок дотациите за платите, што инистерството за труд и социјална политика ги исплаќа, префрлуваме средства за материјални трошоци. Меѓутоа, градинките си имаат сопствени средства, како доплатата на родителите за сместување на децата, така што одговорноста за плаќањето на комуналии, вклучително и сметките за електрична енергија е обврска на основачот на градинката, а тоа е Општината – додаде министерката. Н.Б.З.

Ќе има греење за градинките, родителите да не се плашат, уверува Тренчевска