Аце Сајкоски, поранешен дописен член на „Нова Македонија“, во својата книга „Кичевчани втемелувачи на македонската државност“ напишал дека по ослободувањето на Кичево и воспоставувањето на народната власт во 1943 година била оживотворена повеќевековната желба за одржување настава на македонски јазик. Така, настава по македонски јазик тогаш за првпат се одвивала во селата Подвис, Кнежино, Љубојно, Долна Преспа итн. Овие објекти, кои се прогласени за споменици на културата, денес се пред распаѓање

Народноослободителната и антифашистичка борба во Втората светска војна има извонредно значење за консолидирањето на македонската нација. Во овој правец е дејноста на Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди, како и на месните народноослободителни одбори, во 1943 година на слободната територија во западниот дел на Македонија. По капитулацијата на Италија, Главниот штаб на НОВ ги засилува државотворните активности со кои беа поставени темелите на современото македонско образование.

За овие настани, Аце Сајкоски, поранешен дописен член на „Нова Македонија“, во својата книга „Кичевчани втемелувачи на македонската државност“ напишал дека по ослободувањето на Кичево и воспоставувањето на народната власт била оживотворена повеќевековната желба за одржување настава на македонски јазик.

Имено, во кичевските села Подвис и Кнежино, како и во неколку села во Дебарца, за првпат се воведува македонскиот јазик во наставата. Во македонската историографија останува запаметено дека на 23 септември 1943 година, шест дена по ослободувањето на Кичево, учителот Василко Лазаревски првпат одржал настава на современ македонски јазик во Подвис. Споменатото училиште било отворено по наредба на Главниот штаб на НОВ и имало цел да го афирмира македонскиот јазик. Наставата во ова училиште се одвивала многу кратко време поради воените дејства.

Но наставата на македонски јазик во 1943 години не се одвивала само во Подвис туку и во неколку други населени места. Во селото Љубојно, Долна Преспа, исто така било отворено училиште во кое се предавало на македонски јазик, а меѓу учителите биле и Благоја Ничевски и Јосиф Кондовски. Во септември 1943 година, настава на македонски јазик се одвивала и во кичевското село Кнежино.

Аце Сајкоски, поранешен дописник на „Нова Македонија“, во рубриката „Спомени од минатото“ запишал дека народноослободителниот одбор во договор со партиската организација од Кнежино донел одлука за отворање училиште во кое наставата ќе се изведува на мајчин јазик. Според Сајкоски, народната власт од селото одлучила прв учител да биде Борис Петрески. Аце Сајкоски за „Нова Македонија“, во тогашната рубрика „Занимливости од нашите краишта“, исто така запишал дека по ослободувањето на Кичево, било ослободено и селото Кнежино и дека учителот претпладне одржувал настава за децата, а попладне курс за возрасните. Наставата на македонски јазик во Кнежино се одржувала во куќата на Трајан Јонски, кој бил претседател на народноослободителниот одбор во селото.


Значајните македонски национални и културни места се урнатини

Споменатото училиште во Подвис е лоцирано во стариот дел од селото. До старото село води единствено земјен пат, а до самата зграда на училиштето постои само козја патека и никаде не е јасно посочено каде се наоѓа училиштето. Денес од училиштето е останата само урнатина, зарастена во грмушки, а дотаму не може да се стигне со возило. Додека училиштето било во добра кондиција, на него било поставено спомен-обележје, кое посочувало дека тука се одвивала настава на македонски јазик. Денес спомен-плочата се наоѓа во новиот дел на селото Подвис. Досега неколкупати жителите на Подвис се обратиле до државните институции со барање да се изврши санација на училиштето. Во 2014 година, Министерството за култура најавило дека ќе биде извршена обнова на училиштето, но споменатиот објект сѐ уште не е саниран и се наоѓа пред распаѓање. Училиштето во Подвис е прогласено за споменик на културата на Македонија.

Жителите на селата Кнежино и Љубојно, исто така, досега неколкупати апелираа за санација на училишните објекти бидејќи се претвораат во урнатини. Жителите на Кнежино, исто така, апелираат да се постави спомен-плоча што ќе посочи дека и тука имало училиште во кое наставата се одвивала на македонски јазик.

Д.Ст.