Фото: Маја Јаневска-Илиева

Екипа на „Нова Македонија“ организира повеќедневно набљудување на сообраќајот на неколку крстосници во Скопје, како и на „отворен пат“ кон Куманово и кон Тетово. Она што можеше да се забележи и документира е една алармантна ситуација во однос на однесувањето на возачите на моторни возила и прекршувањето на правилата и прописите за безбедност во сообраќајот. Констатација на истражувачката новинарска екипа е дека „повеќе од половина од возачите треба повторно да се вратат на дообучување во автошколите, бидејќи очигледно ги заборавиле основните правила и прописи за користење на автомобилите и за учество со нив во сообраќајот“. Во оваа статија ќе се осврнеме на користењето на светлосната сигнализација во возилата, поточно на трепкачите

Возачите сѐ повеќе забораваат да ги користат трепкачите, и тоа во ситуации што се клучни за нивно користење. Па така, ретко кој ги вклучува кога накратко застанува на крајната лента на улицата за набрзина да заврши некоја работа, тие не се користат ниту кога се врти лево или десно. Со еден збор кажано, тие станаа непотребни за возачите во Скопје. Според она што успеа да го регистрира екипата на „Нова Македонија“, ситуацијата е алармантна и сигурно барем половина од возачите треба повторно да се вратат на дообучување во автошколите, бидејќи очигледно ги заборавиле основните правила и прописи за користење на автомобилите и за учество со нив во сообраќајот.

Сообраќајна несреќа поради невклучени трепкачи

Уште пострашни се сведоштвата на нашите соговорници од кои се изведува заклучокот дека трепкачите во Скопје масовно се игнорираат.
Нивното некористење честопати е причина за сообраќајни несреќи во градот, за хаотични ситуации на скопските улици, како и за помали и поголеми инциденти.
– Во времето кога ние учевме да возиме, правило беше кога менуваш лента да ги известиш другите учесници во сообраќајот за таа намера со вклучување трепкач. Денес, како што гледам, тоа правило не се почитува. И додека некој менува лента без трепкач, друг, пак, од само нему познати причини вози со вклучени четири трепкачи, додека има и такви што вртат десно, а го вклучуваат левиот трепкач. Доста често имаме и ситуации кога некој од возачите ќе си го заборави вклучен трепкачот, па ти како возач зад него постојано си во недоумица дали тој ќе се обиде да сврти со возилото во правецот на кој укажува трепкачот или не – вели Владимир Маневски, возач во Скопје.
На нашиот соговорник Бојан дури како последица на погрешно вклучен трепкач му се случила сообраќајна несреќа.
– Со сопругата и детето бевме на улицата Џон Кенеди во Чаир, каде што на семафорите кај поштата чекавме за да свртиме лево. Кога се вклучи зеленото светло, од другата страна доаѓаше возило со вклучен трепкач за десно, што за мене значи дека нема да му го пресечам патот и дека можам да си свртам лево. Меѓутоа, наместо возачот да сврти десно, продолжи право, па ме удри во задните врати од возилото. За среќа, инцидентот помина без жртви, но бев значително изреволтиран поради таквата неодговорност. За ситуацијата да биде уште пострашна, кога повикавме полиција, тој го исклучи трепкачот, па така, на крајот јас испаднав виновен за нешто за што не бев – вели тој.

Проблем за пешаците и за велосипедистите

Од нашите соговорници дознавме и дека младите возачи всушност се најнеодговорни кога станува збор за користењето на трепкачите.
– На една девојка ѝ застанало возилото среде возење навечер. И девојката комотно си излегла од возилото и не ги вклучила четирите трепкачи, кои во тој случај треба да се вклучени за да им сигнализираат на другите возачи дека има возило што не се движи на патот. Среќа е што не возам брзо, па сфатив дека возилото пред мене не се движи – вели тој.
Проблем немаат само возачите. И пешаците и велосипедистите мака мачат со несовесните возачи на кои им е проблем да вклучат трепкач.
– Јас си чекам зелено светло на семафор. Тие од спротивната страна имаат дополнително зелено светло доколку вртат кон мојот правец. Кога и за нив и за мене е зелено се соочувам со опасности, затоа што одеднаш гледам дека автомобил доаѓа кон мене. Возачот воопшто не се потрудил да вклучи трепкач, па јас навистина не можам да знам кој во кој правец планира да се движи – вели Јордан Живкоски.

Што вели законот?

Во согласност со Законот за безбедност на патниот сообраќај овие прекршувања се регулирани во членот 62 од законот.
– На јавен пат возачот е должен да ги вклучи покажувачите на правци на возилото, а особено: ако врши предупредување на други учесници за опасност во сообраќајот, во услови на намалена видливост (густа магла, чад и слично), ако е последен во колоната на возила запрена на пат надвор од населено место, освен ако колоната запрела заради постапување според сообраќаен знак или правило со кое се регулира сообраќајот и ако запре на коловоз, освен во случај на паркирање на обележано паркиралиште, односно поради постапување по сообраќаен знак или правилата во сообраќајот – се вели во ставот еден од членот 62.
Според ставот два од членот, мандатен платен налог со глоба во износ од 35 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 20 негативни бода во согласност со одредбите од овој закон, на возачот што постапува спротивно на одредбата од ставот (1) на овој член.

[email protected]