ГОЛЕМА АКЦИЈА НА СЛОВАЧКИТЕ БЕЗБЕДНОСНИ СЛУЖБИ, ВО СОДЕЈСТВО СО ЧЕШКАТА НАЦИОНАЛНА АГЕНЦИЈА ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ, ФБИ, ЕВРОПОЛ И ЕВРОПРАВДА

Истрага спроведена од словачката национална агенција за криминал, военото разузнавање, словачката полиција, поддржана од чешката национална агенција за организиран криминал, американското ФБИ, Европол и Европравда, доведе до апсење опасен десничарски екстремист. Уапсениот, познат во меѓународниот екстремно десничарски сајбер-простор, е осомничен за ширење екстремистички говор на омраза и терористички активности.
Тој бил поврзан со групи и поединци што шират неонацистичка, екстремно десничарска и бела супрематистичка екстремистичка пропаганда и бил дел од таканареченото екстремистичко движење „Опсада“. Оваа онлајн екстремистичка заедница е поврзана на интернет, иако истовремено е втемелена во „офлајн акција“. Следбениците на движењето „Опсада“ споделуваат филозофска и политичка ориентација, како и духовен поглед доминиран од омраза и закотвен во фашистичката идеологија.
Осомничениот, наводно, објавил упатства и дијаграми за производство на импровизирани ладни оружја, автоматско огнено оружје од домашно производство, експлозиви и мини, како и упатства за саботажни напади. Инструкциите вклучуваат домашно производство на автоматско огнено оружје, произведено во комбинација со делови добиени од 3Д-печатење и домашни метални делови.
Осомничениот моментално е во притвор и се чека понатамошна постапка. За време на рациите во Словачка и во Чешка, органите на прогонот открија високософистициран 3Д-печатач и електронски уреди, кои во моментов се на вештачење.