ТРКАЛЕЗНА МАСА ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА АСОЦИЈАЦИЈАТА ЗА КОРПОРАТИВНА БЕЗБЕДНОСТ: МОДЕЛОТ НА ВЕШТАЧЕЊЕ ВО МАКЕДОНИЈА – АКТУЕЛНИ СОСТОЈБИ И ПРЕДИЗВИЦИ

Во организација на Асоцијацијата за корпоративна безбедност – Скопје, во соработка со Здружението на јавни обвинители и Здружението за судска медицина, во Скопје се одржа тркалезна маса на тема „Моделот на вештачење во Македонија – актуелни состојби и предизвици“.

Каква е перцепцијата на академската заедница за нормативната
и институционална рамка на вештачењето во кривичната постапка

Настанот свечено го отворија проф. д-р Златко Јаќоски, претседател на Здружението за судска медицина, и Елвин Вели, претседател на Здружението на јавни обвинители на РСМ. Модератор беше проф. д-р Атанас Козарев од Асоцијацијата за корпоративна безбедност – Скопје.
Основната мисија и цели на тркалезната маса се да се согледа перцепцијата на академската и стручната заедница за досегашните состојби поврзани со нормативната и институционална рамка на вештачењето во кривичната постапка. Законската рамка што ја нормира областа вештачење кај нас првпат е воведена во 2010 година, со донесување на Законот за вештачење. Во текот на 2014, 2015 и 2018 година беа извршени пет измени и дополнувања на овој закон. Генерално, овие измени на законот беа извршени поради следните причини: 1. слабости и недостатоци во актуелниот закон; 2. слаба ефикасност на процесот на вештачење; 3. потреба од воспоставување функционален систем на вештачење.
Потребата од донесување нов европски закон за вештачење е опфатена и со Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017-2022 и Акцискиот план. Роковите за реализирање на активностите утврдени во Стратегијата биле заклучно со 2017 и 2018 година! Очигледно рокот за донесување на законот пропишан во Стратегијата е истечен во 2018 година. И по повеќе од четири години оттогаш, законот не е донесен. Одговорност за оваа состојба не е детектирана и затоа може да се наведе дека алармот е вклучен, беше констатирано на тркалезната маса.

За многубројните недоречености и отворени прашања, академската
фела има одговори

Според проф. д-р Атанас Козарев, причините што се наведени за досегашните измени и дополнувања се општи, прешироки и не навлегуваат во вистинските проблематични и жаришни точки што се поврзани со вештачењето. А такви невралгични точки постојат повеќе!
Во своето предавање, проф. д-р Козарев ги постави следните прашања: Каде е одговорноста за нефункционирањето на Комората за вештаци со години? Дали Комората за вештаци е организација на вештаците или собраниско, владино, партиско тело?
– Според новиот предлог-закон, министерот за правда ќе ги назначува раководителите на професионалните одделенија на Комората, а не собранието на Комората, кое природно и би требало да ја воспостави организацијата на телата. Дотолку повеќе што Комората за вештаци не е орган на Министерството за правда туку групација на вештаци. Толку години поминаа, а јавноста нема ниту еден извештај за работата на Комората за вештаци, за состојбата со финансиската сметка, за работата на дисциплинските органи. Дали оваа загрижувачка состојба е извор на можна корупција? Доколку постои комора за вештаци како здружение на вештаците, како стручна организација, тогаш и притисокот врз Министерството за правда да се подобри законот за вештачење и да се стави ред во оваа област ќе даде резултат. Дали знаете дека поради добро познати причини недостигаат вештаци во одделни области и зошто тоа воопшто се дозволило и кому му одговара да се одолжуваат судските постапки наспроти заложбите за судење во разумен рок? Зошто Министерството за правда е инертно кога треба да се подготви базата со прашања за спроведување испит за добивање лиценца за вештак? Кога последен пат е одржан испит за лиценца за вештак? Кој ги дерогира човековите права од работен однос, имајќи предвид дека лицата со лиценца за вештачење го остваруваат и своето егзистенцијално прашање – рече меѓу другото Козарев.

Вештиот наод треба да биде еден од есенцијалните елементи во кривичната постапка

Претседателот на Здружението на јавни обвинители, Елвин Вели, наведе дека постапката за вештачење со краен резултат подготвен вешт наод и мислење претставува еден од есенцијалните елементи во кривичната постапка, кој сега ги засега сите страни и кој во голем дел од предметите претставува еден од главните докази за донесување соодветна јавнообвинителска или судска одлука. – И покрај тоа што во кривичната постапка во државата е прифатена теоријата за слободна оцена на доказите, сепак практиката одамна наложи судот и јавниот обвинител кон вештачењето да се однесуваат како кон еден од главните докази, ако не и главен доказ во постапката. Тоа е посилен доказ отколку исказот на обвинетиот, оштетениот, сведоците, па понекогаш и материјалните докази. Ова е очекувано со оглед на тоа што странката секогаш говори во свој прилог, сведоците, пак, се предложени и подготвени од странките, па честопати – пристрасни, а материјалните докази добиваат најголема сила доколку се интерпретирани од вешто лице. Верувам дека сите ќе се согласиме дека петте измени на Законот за вештачење во период од десетина години се многу, особено и поради фактот што повторно имаме проблеми и дилеми во постапувањето, па затоа концептот за подготвување сосема нов закон за вештачење е најсоодветен – нагласи Вели.
Притоа тој додаде дека, иако предвиден во Стратегијата за реформа на правосудството 2017-2022 година, сепак, законот сѐ уште не е донесен. Но, од друга страна, тој изрази надеж дека токму со организирањето вакви тркалезни маси, каде што се вклучени сите засегнати страни, од аспект на неговата примена, може да се подобри квалитетот на законот, за да не се најдеме во ситуација по неколку години повторно да правиме повеќе измени во него од една страна, а од друга страна со одолжување постапки и дилеми поврзани со самиот закон да не ги повредуваме правата на странките во постапката.

Квалитетните заклучоци од тркалезната маса ќе бидат доставени до Собранието

Раководителот на Институтот за судска медицина при Медицинскиот факултет во Скопје, проф. д-р Александар Станков, се осврна на суштината на вештачењето, законската дефиниција на поимот вештак, која е претесна и не ги опфаќа сите елементи на поимот. Исто така, за моменталната состојба во областа на медицинските вештачења ги истакна следните проблеми: нефункционален закон за вештачење, престанок на работата на Комората за вешти лица, ангажирање вешти лица што само формално ги исполнуваат условите, непостоење на критичка анализа на вештачењата од страна на судот (априори давање наредба за супервештачење во случај на спротивставени вештачења), непостоење на контрола на вештите лица (непостоење на одговорност за подготвеното вештачење и дадено мислење), прекршување на законот за Законот за кривична постапка и Законот за здравствена заштита, вршење обдукции без писмена наредба, неизвршување обдукции при сомнение или сигурност за постоење на кривично дело.
Заклучоците од сите учесници ќе бидат доставени до Собранието на Македонија за да бидат земени предвид при подготвувањето на конечната верзија на Законот за вештачење.

[email protected]