Во периодот кога пишувам толку многу ми е интересно што не се сеќавам на приватниот дел од животот во тој еден месец. Не ми е ни лесно, ни тешко, туку едноставно патувам додека пишувам, вели Александар Русјаков

Писмото што е сведок на љубовта меѓу Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте, кое е врамено во собата на Мустафа Кемал Ататурк во Музејот во Битола, сведочи за нивната непреболена љубов. Тоа е само парче од романот на Александар Русјаков, „Хотел меѓу две војни“, кој зборува за една љубов што никогаш не се случила.
– Мислам дека писмото е лажно, ама добра беше одлуката да се запише во романот – рече Русјаков на средбата со публиката во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ завчеравечер, по повод изборот на неговиот роман за „Книга за месец февруари“, кампања што ја спроведува библиотеката во изминатиот период. Романот „Хотел меѓу две војни“ ќе биде тема и на Клубот на читателите, кој ќе се одржи на 25 февруари.
„Хотел меѓу две војни“ е историографска метафикција посветена на култната љубовна приказна за Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте. Прикажани во вителот на бурните историски настани на Балканот и во Европа. Русјаков вели дека не правел многу истражувања за Кемал, ниту за Елени.
– Со податоците што ги знаев ѝ се препуштив на фантазијата како што знам. Во романот има и уште еден роман, кој го раскажува Елени, ми беше интересно затоа што си го водев како еден вид дијалог, го пишував едното, па го пишував другото, едното машки свет, другото женски, не дека нешто многу се разликуваа, но не се ни исти. Генерално ми беше забавно додека го пишував. Истражував еден месец, читав сѐ што ми беше интересно за Кемал и после седнав и за еден месец го напишав. Во периодот кога пишувам толку многу ми е интересно што не се сеќавам на приватниот дел од животот во тој еден месец. Не ми е ни лесно, ни тешко, туку едноставно патувам додека пишувам – зборува Русјаков.
Тој веќе има изработено сценарио за книгата и најави дека има интерес да се снима и филм. Интересен е неговиот одговор на прашањето на книжевната критичарка Александра Јуруковска, која го водеше разговорот, колку во време кога родољубието и патриотизмот се потценети и сѐ помалку ги има во книжевноста му се предизвик да пишува за нив.

– Секаде каде што живеам собата ми е со поглед на Македонија. И небото над Македонија е капа што сакам постојано да ја носам. Упорно некој сака да ми ја турне од главата, упорно некој сака да ми стави решетки на прозорецот, но едноставно тоа е посилно од мене затоа што јас сметам дека сѐ што носам во себе ѝ должам на Македонија. Многу помалку на Македонците затоа што сѐ помалку ги има. Тоа дали родољубието е демоде станато, сенешто станува демоде во модерните времиња. Некои чудни работи стануваат модерни, но ќе помине и тоа време и ќе дојде некое уште помодерно време кога, веројатно, ќе бидеме запрепастени што сѐ е модерно – вели Русјаков.
Но сето ова што ѝ се случува на Македонија е уште еден мотив за неговиот нов роман со работен наслов „Алфонсо Македа и потрагата по алхемичарите од Македонија скриени во романот на Маркез“.
– Така што Македонија не може да избега од мене, јас не можам да избегам од неа. Ми беше супер задоволство што пишував за Кемал Ататурк, кој е роден во Македонија, во Солун, школуван е во Битола. И некои работи низ историјата се повторуваат. Во негово време првпат се случува некој да го забрани името Македонија, најголемиот непријател на Кемал, султанот – посочува Русјаков.
Романот не е напишан само да го чита македонската публика, туку веќе се работи превод на англиски, ќе има и на турски.
Русјаков е еден од ретките автори што живее од пишувањето. Сподели дека пишува секој ден, од шест до осум часа на ден. Се случува некои текстови да завршат во канта. Пишува и филмски сценарија, редовни колумни во весникот „Нова Македонија“, поезија. Интересен е неговиот заклучок дека и покрај тоа што имаме квалитетна македонската книжевност таа не е позиционирана во светот затоа што за да биде позиционирана треба некој да ја преведува, а хонорарите на преведувачите се поголеми отколку на писателите.