Поранешниот директор на Државна лотарија Перпарим Бајрами, кој повеќе од една година беше недостапен за органите на прогонот, утrинава се предал и е лишен од слобода.
Бајрами, кој е осомничен за проневера и злоупотреба на службената положба во случајот со Државна лотарија, сам се пријавил кај надлежните органи.
По Бајрами беше распишна меѓународна потерница. Тој заедно со поранешниот вицепремиер Артан Груби се меѓу главните осомничени за злоупотреби направени во „Државна лотарија“.
Во текот на денот се очекуваат повеќе детали од Министерството за внатрешни работи.
Покрај Груби и Бајрами, во случајот „Државна лотарија“, обвинети се и Методија Димевски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авдиу.
На почетокот на судењето сите обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни, освен Бајрами кој беше недостапен на органите за прогон, и обвинетиот Башким Авдиу кој изјави дека не го разбира обвинението што му се става на товар и побара да му биде доставено писмено на неговиот мајчин, албански јазик.
Обвинението, кое го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, се однесува на дејствија преземени во текот на 2023 и 2024 година, со кои обвинетите ги пречекориле службените овластувања и предизвикале штета на „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари, пренесува МИА.



































