Со презентација на електронски докази и документација од болничкиот систем „ХИС“, во Основен кривичен суд Скопје продолжи судскиот процес за предметот „Онкологија 2“, во кој поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев и организацискиот директор Нехад Нухи се обвинети за злоупотреби со скапа терапија и фиктивни набавки, со што, според обвинението, бил оштетен државниот буџет за речиси 36 милиони евра.
Обвинителството тврди дека во периодот од 2018 до 2022 година обвинетите незаконски набавувале лекови преку фиктивни тендерски постапки и присвојувале дел од терапијата наменета за пациентите.
На денешното рочиште беа презентирани три цедеа со електронска документација од болничкиот информатички систем „ХИС“ на ЈЗУ УКРО. Материјалите содржеле ексел табели и скенирани документи со податоци за хоспитализации, медицински досиеја, аплицирана и потрошена терапија, финансиски пресметки и постапки за јавни набавки на биолошка, моноклонална и таргет терапија, пренесе МИА.
Според обвинителството, документацијата покажува колкави количини лекови биле набавувани, колку од нив биле евидентирани како потрошени и кој лекар ја одобрил терапијата при прием и испис на пациентите.
Одбраната на второобвинетиот Нухи, адвокатката Анита Бегова, се спротивстави на начинот на кој биле изведени доказите. Таа оцени дека обвинителството приложило ексел табели и копии без соодветна заверка, наместо официјални финансиски документи.
– Наместо завршни сметки и официјални финансиски документи, се презентираат ексел табели и копии без печат и потпис „верно на оригинал“, поради што не може да се утврди нивната автентичност – рече Бегова.
Според неа, дел од доказите биле во електронска форма без јасно утврден извор, па побара тие да бидат издвоени од постапката.
На претходното рочиште одбраните на обвинетите имаа различни ставови околу изведувањето на доказите. Адвокатот на Васев, Боби Спирковски, предложи да се читаат само клучните докази за да не се одолговлекува постапката, додека одбраната на Нухи инсистираше секој доказ поединечно да биде презентиран во судница.
Паралелно се води и предметот „Онкологија 1“, во кој Васев и уште двајца лекари се обвинети за несовесно лекување пациенти.
































