Бројот на починати од епидемијата на ебола во Демократска Република Конго се искачи на 131, од вкупно 513 сомнителни случаи, соопшти министерот за здравство Самуел Роџер Камба. Во соседна Уганда е регистриран и еден смртен случај, објавија Африкански центри за контрола и превенција на болести.
Генералниот директор на Светска здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, изјави дека е „длабоко загрижен“ поради брзината и размерите на епидемијата.
– Прогласив вонредна состојба за јавно здравје од меѓународен интерес. Не ја донесов таа одлука лесно. Длабоко сум загрижен за обемот и брзината на ширењето – изјави Тедрос на Светското здравствено собрание во Женева.
Во меѓувреме, американски лекар кој работел со хуманитарна организација во Конго бил позитивен на тест за ебола, а се верува дека и неколку други американски државјани биле изложени на вирусот.
СЗО испрати шест тони медицински залихи во Конго, меѓу кои заштитна опрема за здравствените работници и лабораториски материјали за тестирање.
Дополнителна загриженост кај здравствените власти предизвикува фактот што актуелната епидемија е предизвикана од реткиот сој Бундибугио, за кој во моментов нема ниту одобрена вакцина, ниту специфичен третман.
Според СЗО, постојат повеќе видови на вирусот ебола, но само вакцините против најчестиот сој, Заир е официјално одобрени за употреба. Бидејќи секој сој има различна генетска структура, потребни се посебни вакцини и терапии.
Експертите предупредуваат дека вакцините за Бундибугио сè уште се во рана фаза на развој и не се подготвени за широка употреба.
– Постојат и некои други вакцини во развој, но ништо што го таргетира вирусот Бундибугио не е блиску до тоа да биде подготвено за употреба, рече д-р Селин Гундер, медицински дописник на „Си-би-си Њуз“ и специјалист за заразни болести, која беше распоредена како одговор на минатата епидемија на ебола.
Пред оваа епидемија, имаше две познати епидемии предизвикани од вирусот Бундибугио, и обете беа помали од сегашната.
Првото откривање на сојот Бундибугио се случи во округот Бундибугио во Уганда во 2007 година. Во таа епидемија имаше 149 случаи и 37 смртни случаи – објави тогаш Асошиејтед Прес.
Втората позната епидемија беше во Конго во 2012 година, со пријавени 57 случаи и 29 смртни случаи, според АП.
– Бидејќи имало помалку епидемии на овој вирус, има многу помалку податоци за тоа како се однесува отколку за вирусот Заир, кој постои од 1976 година и предизвика десетици епидемии – рече Гундер.

































