Проф. д-р Игор Јанев доби меѓународно признание за неговото големо откритие за космосот. Објавувањето во астрофизичкото списание на Американското астрономско друштво отвори нови дебати за темната енергија и границите на универзумот.
Научниот труд на проф. д-р Јанев за метадијалектиката и нејзиното можно влијание врз физиката на темната енергија и темната материја е објавен во водечкото списание на Американското астрономско друштво (AAS) со висок фактор на влијание во областа на астрофизиката – „Американ џурнал оф пленетари енд спејс сајенс“ (American Journal of Planetary and Space Science).
Во трудот, Јанев разработува нов пристап кон разбирањето на темната енергија и границите на универзумот, при што за првпат во историјата на физиката, космолошката константа е поставена како временски зависна величина: Λ = Λ(t).
Според Јанев, ова отвора нови перспективи за толкување на космолошките процеси и природата на квантниот вакуум.
Професорот посочува дека резултатите од експериментите во ЦЕРН, спроведени на Големиот хадронски сударач, покажуваат појава на нови елементарни честички од таканаречениот „нулти простор“, односно од флуктуирачкиот квантен вакуум, што, според него, претставува потврда на неговата теорија.
Проф. д-р Јанев оценува дека ова истражување е неговиот најзначаен научен придонес досега и потенцијално важен чекор во редефинирањето на современите космолошки теории.
Инаку, во рамките на научно-дипломатската активност во Меѓународната агенција за атомска енергија при Организацијата на обединетите нации, македонскиот научник проф. д-р Ратко Јанев, татко на проф.д-р Игор Јанев, е познат како основач и раководител со Програмата на Меѓународната агенција за атомска енергија при Организацијата на обединетите нации за мирно користење на термојадрено соединување како извор на енергија планирана за втората половина на 21 век.
































