Проблемите со кои се соочуваат семејните лекари во Македонија со години остануваат нерешени, порача претседателот на Здружение на лекарите по општа и семејна медицина, Драган Ѓорѓиевски, по повод 19 Мај – Светскиот ден на семејниот лекар.
Според него, специјализацијата по семејна медицина веќе 15 години не е соодветно признаена, иако европските институции иницираат изедначување на статусот и коефициентите на овие специјалисти со останатите медицински гранки.
Ѓорѓиевски посочи дека специјалистите по семејна медицина и понатаму се третираат како обични матични лекари, иако имаат знаења и можности за извршување на дополнителни здравствени услуги како спирометрија, ехо-дијагностика и други процедури.
– Семејниот лекар треба да покрива 70 до 80 проценти од потребите на пациентите. Потребно е да добиеме поголеми ингеренции, вклучително и можност директно да закажуваме компјутерска томографија, со цел да се скрати патот до дијагноза и навремено откривање на сериозни болести – рече Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека сегашните ограничувања во препишувањето лекови и во пристапот до дијагностички процедури дополнително го оптоваруваат здравствениот систем и ги забавуваат процесите за пациентите.
Според него, законот за електронско здравство повторно е заглавен во институциите, иако веќе ја поминал почетната процедура на платформата ЕНЕР.
Ѓорѓиевски оцени дека Македонија е единствената земја која сè уште нема закон за докторска дејност, поради што не се јасно дефинирани коефициентите, платите и начинот на финансирање на лекарите.
Дополнителен проблем, како што истакна, е застарениот модел на капитација, кој бил креиран пред две децении, во период кога државата имала значително поголем број жители. Поради миграцијата и намалениот број пациенти, ординациите во помалите места и руралните средини сè потешко функционираат и се принудени да отпуштаат персонал.
Годинешното мото на Светскиот ден на семејниот лекар е „Грижа за пациентите во време на дигитална ера“, а Ѓорѓиевски потенцираше дека телемедицината и дигиталните алатки треба да имаат многу поголема улога во примарното здравство.


































