Фото: Игор Бансколиев

Во Основниот суд во Тетово денеска треба да почне судењето за пожарот во модуларната болница што се случи на 8 септември 2021 година кога изгореа 14 лица кои се лекуваа од ковид-19.
Судското рочиште е закажано во 10 часот, а ќе го води судијата Јордан Велковски.

По повеќемесечна истрага Основното јавно обвинителство Тетово на 27 јули 2022 до надлежниот суд поднесе Обвинителен предлог против три физички и едно правно лице. Двајца се товарат за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, еден за „непостапување според здравствени прописи“, а правното лице за „предизвикување на општа опасност“.
Тетовските обвинители го разгледуваат извештајот на германските експерти за пожарот во модуларната болница

Досега се направени четири вештачења за да се утврдат причините поради кои настана пожарот и да се лоцира одговорноста. Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред. Стручни анализи беа направени од МВР, Технолошкиот факултет, од стручно лице – електроинжинер, како и експерти и истражители од сојузната криминалистичка полиција на Германија.