Фото: МИА/Архива

Поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, утрово во 9 часот и 32 минути се одјавил од затворот во Струга, каде издржуваше затворска казна за случајот „Империја“ – потврди за МИА директорот на установата Ваљон Ќура.

Ослободувањето на Мијалков следува по уважување на неговата жалба од Апелациониот суд Скопје и донесеното решение, на 23 мај да биде ослободен од издржување на казната затвор, под услов до 25 април идната година, да не стори ново кривично дело.

– Лицето беше примерен затвореник, им помагаше на другите осудени лица во затворот. Беше вработен како шофер и совесно си ја вршеше работата. Ги користеше годишните одмори и слободните викенди за излез во град, како и другите осудени лица – изјави Ќура за МИА.

Тој нема никакви забелешки кон Мијалков во однос на периодот поминат во струшкиот затвор.

Поранешниот прв човек на УБК, Мијалков доби три години затворска казна и конфискација на имот за предметот „Империја“. Беше обвинет за кривичните дела злосторничко здружување и противправно стекнување и прикривање на имот. Затворската казна наместо во „Идризово“, ја издржуваше во отворениот затвор во Струга, по промената на адресата за живеење од Скопје во Охрид.