Британската полиција има полни раце работа во борбата со албанската нарко-мафија

Сè започнало кога Едмунд и Едвард ги најмиле својот братучед Газменд Хоџа (47) и стариот школски другар Албан Красниќи (34) да бидат посредници во „Линијата на Еди“ – акција за шверц на дрога именувана по сервис за миење коли каде што работел нивниот татко. Тие беа уапсени во британската престолнина минатата година, а дури сега беше откриено дека браќата воделе големо казино за криминалци, каде што влоговите се искачувале и до десетици илјади фунти дневно. Британските медиуми, повикувајќи се на официјални полициски извори, пишуваат дека албанските гангстери ја презеле контролата на илегалниот пазар на кокаин во Велика Британија во последните 20 години, откако склучиле сојузи со смртоносните латиноамерикански наркокартели

Обелоденети долга полициска истрага и реализација што потврди дека во Британија царува албанската наркомафија

Двајца браќа Албанци воделе голема операција за шверц на дрога во Лондон, а беа уапсени минатата година, во британската престолнина. Станува збор за Едмунд и Едвард Хазири, а дури сега беше откриено дека браќата воделе и големо казино за криминалци, каде што влоговите се искачувале и до десетици илјади фунти дневно.

Навидум обична берберница, зад кулисите луксузно казино

Однадвор нивното казино изгледало како обична берберница, која се наоѓала веднаш до продавница за половни апарати. Сепак, зад затемнетите стакла и врати се наоѓало популарно казино каде што дилерите на дрога и криминалците се коцкале со десетици илјади фунти додека ги служеле стројни келнерки.
Браќата заработувале до 4.000 фунти дневно, а вработувале романски курири, кои доставувале дрога во три града.
Албанците живееле луксузен живот, возеле скапи автомобили, купувале часовници „ролекс“ и носеле скапи брендови како „Баленсиага“, „Луј Витон“ и „Монклер“.
Тие, исто така, ги облекувале своите сопруги само во најскапите бутици, а кај Едмунд дури бил пронајден и златен синџир обложен со дијаманти од 30 карати.

Криминална империја

Британски „Сан“ објави нови детали за криминалната империја на браќата Албанци.
Сè започнало кога Едмунд и Едвард ги најмиле својот братучед Газменд Хоџа (47) и стариот школски другар Албан Красниќи (34) да бидат посредници во „Линијата на Еди“ – акција за шверц на дрога именувана по сервис за миење коли каде што работел нивниот татко.
Кога полицијата упаднала во станот на Красниќи во Блекхит Хил, јужен Лондон, во март 2022 година, на ѕидот имало постер на Тони Монтана од гангстерскиот филм „Лицето со лузна“, со Ал Пачино во главната улога.
Иако при претресот пронашле голем број мобилни телефони, главниот, на кој Красниќи добивал нарачки за дрога, го немало. За среќа на полицајците, него го пронашло куче трагач во соседната градина.
Токму благодарение на оваа акција полицајците дошле до неочекувано откритие, кое сите ги шокирало. Имено, тие знаеле дека браќата се големи играчи на наркопазарот – но немале поим дека воделе и нелегално казино.
Детективот Кејн Мартин, од полицијата во Дербишајр, кој ја водеше операцијата, рече дека никогаш не би помислил што се случува внатре во локалот на кој никој не му посветувал поголемо внимание.
– Ако некој поминеше покрај казиното, сигурен сум немаше да знае што се случува внатре. Дури мислам дека немаше да влезе ниту да се потстриже бидејќи, очигледно, тоа не беше привлечно место за потстрижување – вели Мартин.
Истрагата утврдила дека казиното во подрумот било управувано од Едмунд.
– Влезната врата не изгледа цврсто, но кога ќе влезете, прво останувате во просторијата каде што ќе ве прегледаат камери, пред да се отвори другата врата. Ние презентиравме докази на суд за некои игри со навистина високи влогови, при што криминалците трошат десетици илјади на линија – раскажува детективот.
Но ни тоа не било сѐ. Братот на Едмунд, Едвард, управувал со семејниот ресторан. Тоа било важно место за средба на криминалните соработници на браќата Албанци. На снимката од видеонадзорот симната од полицијата се гледа како криминалците бројат пари во кујната пред да ги наполнат во пликови.
Родителите на браќата работеле во ресторанот, но ги нема меѓу обвинетите.
Детективот Мартин, кој во тоа време го водеше полицискиот тим за борба против дрогата, рече дека Хоџа имал клучна улога – тој бил посредникот што отпатувал во Лондон за да го земе кокаинот и да ги остави парите.
– Курирот секој ден доаѓаше кај него, а потоа ги снабдуваше муштериите со дрога. Идентификувавме пет курири што работеа во еден ден, а ги имаше повеќе од 20. Сите, освен двајца, беа Романци – изјави Мартин.
Тој наведува и дека групата за еден ден заработила 4.000 фунти, а Красниќи бил столбот на оперативната група на бандата.

Предмет на следење на комуникацијата: 1,2 милион линии

Како дел од операцијата, полицајците морале да испитаат 1,2 милион линии телекомуникациски податоци и повеќе од 45 различни телефонски броеви.
– Имаше огромно количество аналитичка работа, а групата често фрлаше телефони и земаше нови броеви. На крајот, кога парите се враќаа во Лондон, можевме да докажеме од каде се. Браќата беа на врвот и изолирани од базата на клиенти, без практично вклучување во синџирот на операции – потврдува извор од истрагата.
Полицијата изврши серија рации во март минатата година. Како резултат на тоа е утврдено дека бандата во тој момент имала девет килограми кокаин со проценета улична вредност од 1,1 милион фунти.
Девет мажи беа осудени на вкупно околу 70 години затвор за нивната улога во потфатот, вклучувајќи ги и браќата – Едмунд на 15 години и Едвард на 15 години и шест месеци. Хоџа доби 11 години, а Красниќи девет.

Најозлогласената банда од источен Лондон: Хелбејните

Британските медиуми, повикувајќи се на официјални полициски извори, пишуваат дека албанските гангстери ја презеле контролата на илегалниот пазар на кокаин во Велика Британија во последните 20 години, откако склучиле сојузи со смртоносните латиноамерикански наркокартели.
Откако го запоседнаа црниот пазар со наркотици, тие се прославија со своите спотови на социјалните мрежи, каде што позираат со пари, накит и скапи автомобили.
Полициски извори претходно алармираа дека гангстери од Балканот, претежно Албанци, почнале да се борат со јамајските и кинеските банди за контрола на трговијата со кокаин во Лондон.
Интересно е што наводните „кумови“ на криминалните банди од Ливерпул ги предупредувале Албанците да се држат настрана од нивниот град и засега успеваат во својата намера.
– Локалните банди го штитат Ливерпул и нема да ги пуштат внатре – рекол извор за британски „Сан“.

[email protected]