Фото: Игор Бансколиев

Учебната година почна со физички пресметки меѓу тинејџери во автобусите

Секоја година сѐ поголема е бројката на тепачки, кавги, инциденти, особено помеѓу младите, што е евидентно од големиот број регистрирани случаи во автобусите. Претежно станува збор за инциденти во приградските населби, како оние што неодамна се случија во автобусот со бројот 65, кој вози кон Стајковци, но не се мирни ниту патниците во централното градско подрачје, за што сведочи случајот со автобусот број 51 во Кисела Вода

Почна учебната година, почнаа и старо-новите проблеми во градските автобуси помеѓу учениците. Секоја година сѐ поголема е бројката на тепачки, кавги, инциденти, особено помеѓу младите, што е евидентно од големиот број регистрирани случаи во автобусите. Претежно станува збор за инциденти во приградските населби, како оние што неодамна се случија во автобусот со бројот 65, кој вози кон Стајковци, но не се мирни ниту патниците во централното градско подрачје.

Проблемот, како по правило, се актуализира со почетокот на учебната година

А инцидентите се нижат како на филмска лента. Завчера, во автобус со бројот 51, во Кисела Вода, беа повредени двајца малолетници откако се скарале со друго момче, наводно за седиште во автобусот.
Малолетник од Моране извадил нож, но прво го повредил другарот, па себе, иако нападнал трет средношколец. Ним им била укажана лекарска помош, а обвинителството отвори истрага.

На 22.9.2022, во 19.33 часот, во СВР – Скопје е пријавено дека полициски службеник задржал две лица што кај Стара Рампа, во автобус број 51, го нарушиле јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу двајца малолетници, во која бил употребен остар предмет. Откако по вербална расправија за место за седење малолетник од селото Моране извадил остар предмет да нападне малолетник од селото Студеничани, не успеал во намерата и повредил малолетен другар од селото Студеничани, а се повредил и самиот. По преземените мерки и активности од страна на полициските службеници, обезбедени се сите учесници во настанот, а двајцата малолетници со исеченици на рацете биле пренесени во ГОБ „Наум Охридски“. За случајот е известен јавен обвинител и по документирањето на случајот, против сторителите ќе биде поднесен соодветен поднесок – информираа од Министерството за внатрешни работи.
За жал, ова не е прв инцидент во кој малолетници, претежно средношколци, физички се пресметуваат во градските автобуси.

Проблемот, како по правило, се актуализира со почетокот на учебната година, а изминатиот период беа евидентирани неколку тепачки помеѓу малолетници во автобусите на ЈСП, главно во општината Гази Баба.
Пред нешто повеќе од една недела, во автобусите со бројот 65 континуирано се случуваа тепачки помеѓу малолетници, во кои имаше и повредени жители на општината Гази Баба.

За граѓаните овој проблем е доста голем и сериозен и мора да се најдат начин и решение за него.
– На постојките мора да има полиција, само така може да се реши овој проблем. Младите денес не се тоа што беа порано, со себе носат оружје, ножеви, боксирачи и што ли уште не. Бестрашни се, не размислуваат и буквално од ништо предизвикуваат инциденти. Да му е страв на човек да се вози во автобус, бидејќи во тие тепачки може да настрада секој од патниците – вели Вера Милошевска, жителка на Синѓелиќ.

Оние што редовно се возат на овие линии велат дека секоја учебна година е исто.
– Речиси 20 години го користам истиот автобуски превоз, бидејќи живеам во Стајковци. Вообичаено има силеџии, кои секоја година се однесуваат исто. Тие се истите тие што возат автомобили и дивеат низ улиците, а ги има од сите националности и тие се истите тие што буквално пред очите на нивните родители се однесуваат како шерифи. Ние што живееме таму и се возиме во автобусите, многу добро знаеме како стојат работите – вели жител на Стајковци, кој, поради сензитивноста на темата, сакаше да остане анонимен.

ОПШТИНАТА НА ШТРЕК

По неколкуте тепачки што се случија во автобусите на ЈСП, на територијата на општината Гази Баба, надлежните се мобилизираа и започнаа со реализација на предложените решенија.

Првенствено, полициската станица од општа надлежност Гази Баба презеде обврска во следниот период да обезбеди зголемено присуство на униформирани службеници на критичните автобуски постојки, внатре во автобусите, но и во критичните населени места, додека општината, пак, презеде обврска да организира настани со учениците од различни етнички заедници, за поттикнување соживот и другарување.

Општината, исто така, презеде обврска да достави барање до ЈСП-Скопје во кое ќе се побара автобусите што сообраќаат на тој дел од општината да имаат функционален мониторинг-видеосистем, како и засилување на контролата на терен.
– Како градоначалник, сакам да порачам дека ќе направам сѐ што е во моја надлежност во иднина да не ни се повторуваат вакви и слични немили настани. Гази Баба е мултиетничка општина и наша обврска е да работиме на градење соживот помеѓу сите генерации на граѓани. Насилството да го замениме со другарување, а омразата со пријателство – истакна градоначалникот на Општината, Бобан Стефковски.

Во рамките на смирување на ситуацијата, тој се возеше и на критичните автобуски линии, каде што разговараше со патниците и апелираше да се запре насилството.
– Јавно апелирам до младите и до нивните родители да се разговара и во иднина да не ни се повторуваат вакви случувања – истакна тој.

ШТО ВЕЛАТ ОД МВР

Од Министерството за внатрешни работи велат дека ги преземаат сите со закон доделени овластувања за спречување и одржување на јавниот ред и мир, како и откривање и санкционирање на сторителите.
– На подрачјето на СВР-Скопје редовно се вршат контроли, се дејствува превентивно и проактивно за одржување на јавниот ред и мир во автобуси и на автобуски постојки. СВР-Скопје преку Одделението за превенција, заедно со полициската станица од општа надлежност во Гази Баба, преку локалниот совет за превенција при општината Гази Баба веќе иницира низа превентивни активности на подрачјето на оваа скопска општина. За почеток, веќе се одржа средба со општинското раководство, со претставници од локалниот совет за превенција и со жители на месните заедници Стајковци, Брњарци, Сингелиќ, Алија Авдовиќ и Црешево, при што е договорено преземање превентивни активности и мерки што ќе ги опфаќаат основните и средните училишта на подрачјето на Гази Баба и на посочените населени места. Покрај вклучувањето на родителските совети, наставничкиот кадар, верските заедници, договорено е првата трибина да се одржи во ОУ „25 Мај“ – велат од МВР.

Оттаму додаваат дека целта е рано детектирање и превенирање од меѓуврсничкото насилство кај децата и младите, преку организирање не само едукативни трибини и дебати туку и културни и образовни активности за меѓуетничка интеграција на младите, а во организација на општината и во соработка со другите владини и невладини институции.

ВО ЈСП 278 ИНЦИДЕНТИ

Статистичките податоци на Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје во моментов се обработени само за периодот од јануари до јуни годинава, па ги немаат анализирано последните. Во достапните податоци, за првите шест месеци претпријатието регистрирано пет физички пресметки помеѓу патници, од вкупно регистрирани 278 инциденти.
– Другите инциденти се еден физички напад врз возач, 215 оштетувања на возила (сообраќајни незгоди), десет закани и 47 други проблеми. Генерално, во случај на инциденти (вербални расправии, закани на релацијата патник – контролор и обратно, патник-– возач и обратно, патник – патник) по пријава, реагира внатрешната контрола на ЈСП, а во зависност од „тежината“ на инцидентот и МВР – велат од ЈСП.