На новинарот Томислав Кежаровски нема да му се суди за случајот „Ликвидација“, поради застарување на кривичното дело за кое се гонеше, односно за откривање на идентитет на заштитен сведок.

Обвинителката од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Марија Ѓорѓева, на денешното рочиште во предметот кажа дека од денот на извршување на кривичните дела, до денешното рочиште настапила застареност на кривичното гонење.

За велешкиот обвинител Ивица Ефремов и судијата Иле Танев, обвинителката побара постапката да продолжи. За Ефремов застарело само делото за противзаконско посредување, а ќе му се суди за незаконско изработување оружје.

Кежаровски изреволтирано рече дека не му треба примена на поблаг закон и застарување на обвинението за него, туку ослободителна пресуда.

Судијата Осман Шабани рече дека има законски пречки за постапување, апсолутната застареност на судењето.