Фото: Архива

Македонскиот полициски синдикат во врска со поставеното видео на социјалната мрежа Фејсбук, за кое тврди дека е неовлстено снимено, а на кое се забележуваат неколку полициски службеници кои преземаат мерки за апсење на момче затекнато надвор од својот дом, со својот миленик, за време на полицискиот час, повикува Одделот за внатрешна контрола детално и без никакви предрасуди да го испита конкретниот случај и да ја утврди законитоста на постапувањето на полицајците.

– Во делот на обвинувањата кон нашите колеги дека не носеле маски и средства за заштита, прашуваме дали, кога, со каков квалитет, и колку маски со список за задолжување имаат задолжено колегите при излегување од станица, колку време биле на работа до моментот на неовластеното снимање, дали во меѓувреме имале контакт со заразени лица при контрола во нивните домови каде се во самоизолација – се наведува во соопштението.

Од синдикатот нагласуваат дека состојбата со коронавирусот е повеќе од сериозна и се надеваат дека конечно толку најавуваните донации за МВР ќе бидат доставени со цел за заштитита на службените лица на терен.

– Преку службите за општи и заеднички работи до сите организациони единици во Министерството за внатрешни работи кои што при вршењето на редовните работни задачи се во директен контакт со странки, редовно и навремено на колегите да им бидат доставени заштитни маски, гумени ракавици чие носење ќе биде задолжително и истите да бидат задолжувани при секое заминување на работа. Пред сите поголеми единици на МВР да се постават пунктови за дезинфекција на службените возила. Да се врши дезинфекција на сите простории во кој престојуваат и работат колегите. Од денес не смееме да дозволиме ниту еден вработен во МВР да биде испратен на терен без соодветна заштитна маска, ракавици и средство за дезинфекција – се наведува во барањето кое Македонскиот полициски синдикат го упатува до раководството на МВР.

Од Македонскиот полициски синдикат велат дека тие се единствен репрезентативен синдикат со над 8.500 членови од кои над 8.000 се припадници на МВР.