Со свечен прием во Загреб беше одбележан Денот на независноста – 8 Септември, како и 35-годишнината од создавањето на независната македонска држава.
На свеченоста, во организација на Амбасадата на Република Северна Македонија во Хрватска, присуствуваа претставници на хрватските институции, дипломатскиот кор, македонската заедница во Хрватска, како и пријатели и партнери на нашата земја.
Амбасадорот Драган Ѓурчевски во своето обраќање истакна дека 35 години независност претставуваат не само повод за одбележување на историскиот пат на државата, туку и обврска кон идните генерации.
– Независноста не е само историски датум. Таа е одговорност да ја чуваме татковината, да ги јакнеме институциите и да градиме општество засновано врз демократија, владеење на правото и меѓусебно почитување – порача Ѓурчевски.
Тој посочи дека во изминатите три и пол децении поминавме низ бројни предизвици, но и постигнавме значајни достигнувања, меѓу кои и членството во НАТО и активното учество во регионалната и европската соработка.
Амбасадорот го истакна искреното пријателство и блиските односи со Хрватска, нагласувајќи дека нив ги градат не само институциите, туку и луѓето – граѓаните, бизнис-заедницата, уметниците, научниците, студентите и локалните заедници.
Посебно внимание беше посветено на македонската заедница во Хрватска, која, како што истакна амбасадорот, претставува важен мост на пријателство и разбирање меѓу двете земји.
– Посебно благодариме на Република Хрватска за пријателската поддршка и разбирањето што ѝ го дава на нашата земја на нејзиниот европски пат – рече Ѓурчевски.
Свечениот прием беше збогатен со изложбата „Архивските документи: столб на македонското битие“, која го претстави македонското историско и архивско наследство, како и со настап на „Про Арс“ и презентација на македонската традиционална кујна и вина.
За реализацијата на културниот дел од свеченоста, амбасадорот упати благодарност до Македонскиот културно-информативен центар во Загреб, Македонскиот и Хрватскиот државен архив, винаријата „Тиквеш“ и ресторанот „Свети Никола“ од Загреб.
Во својот говор Ѓурчевски посочи и на потенцијалот за натамошно продлабочување на македонско-хрватската соработка во економијата, инвестициите, туризмот, иновациите, образованието и културата.
Одбележувањето на 35-годишнината во Загреб заврши со порака за мир, просперитет и нови можности за младите, како и за продолжување на блиското македонско-хрватско пријателство и заеднички придонес кон посилна и попросперитетна Европа.
По повод јубилејот, на иницијатива на Амбасадата и со одобрение на Град Загреб, фонтаните пред Националната и универзитетската библиотека во центарот на градот вечерта беа осветлени во боите на македонското знаме.









































