Педесетиот културен настан на Музеј-галерија во 2026 година, со кој се одбележува големиот јубилеј – 50 години постоење, се одржа во предвечерјето на празникот на градот, 7 септември, со досега најголема изложба на дела на ликовни уметници од Кавадарци. Изложбата претставува своевиден ликовен портрет на градот преку неговите уметници од различни генерации кои живееле и живеат, создавајќи во период од околу еден век.
Квалитетот на бројните уметнички дела на едно место и големиот интерес што го предизвика кај публиката со право ја означуваат изложбата како културен настан на годината во Музеј-галерија Кавадарци.
Изложените 105 дела од 67 автори претставуваат обид да се соберат различни генерации кавадаречки уметници кои оставиле траен белег во македонската ликовна сцена – Петар Мазев, Глигор Чемерски, Симон Шемов, Ана Темкова, Глигор Стефанов, Ристо Соколов – Сокол, Владимир Темков, Киро Јосифов, Јово и Ружица Јосифовски, Петар Наневски, Никола Баснарков, Елпида Хаџи Василева, Гоце Јосифов – Ромбо, Ванчо Кеков, Димитар Самарџиев, Горан Боев, Ива Јосифова Даневски, како и бројни помлади автори со исклучителен талент кои денес го градат ликовниот живот на Кавадарци.
Посебната вредност на оваа изложба, освен високата концентрација на уметност, е нејзината широчина – опфаќа професионални и афирмирани автори, но и современи творци кои од лична потреба и љубов создаваат надвор од професионалните рамки. Кавадаречката ликовна традиција носи специфична енергија на ова поднебје, препознатлива во делата што го сликаат творечкиот немир, светлината и топлината на тиквешкото виногорје. Радува фактот што и дела на млади уметници со потекло од Кавадарци, кои живеат во прекуокеанските земји, беа дел од изложбата – изјави Јаким Зимовски, директор на Музеј-галерија Кавадарци.
Изложените дела не треба да се гледаат како илустрација на одреден период или стил, туку како индивидуално сведоштво за начинот на кој нивните автори го доживувале светот, времето и средината во која создавале. Затоа еден покрај друг се среќаваат различни пристапи – импресионистички чувствувања, експресионистичка енергија, апстрактно размислување и современи ликовни определби. Токму во оваа разновидност се согледува богатството на изложбата, но и широчината на уметничките стремежи на кавадаречките автори.
Посебна вредност има средбата меѓу делата од музејската збирка и новите остварувања. Делата од минатото добиваат нов контекст во непосредна близина на современите творби, додека новите дела стануваат дел од пошироката приказна за развојот на уметноста во градот, кој важи за вистински расадник на уметници. Така минатото и сегашноста се поврзуваат во еден заеднички визуелен дијалог – нагласи на отворањето на изложбата Трајче Цветков, виш кустос во Музеј-галерија Кавадарци. М.М.







































