Odelezuvanje Den na Armijata
Фото: Министерство за одрана

Со пораки за поголема подготвеност, модернизација и зајакнување на одбранбените капацитети, денеска во Охрид беше одбележан 18 Август – Денот на Армијата.

Централната свеченост се одржа во Кампот за обука на вода, по повод 34-годишнината од формирањето на Армијата. На свеченоста се обратија претседателката и врховна командантка на Вооружените сили Гордана Силјановска-Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.

Силјановска-Давкова оцени дека македонската Армија денес е високоорганизирана професионална формација, со оперативна кредибилност, висока интероперабилност со сојузничките сили и високо ниво на доверба кај граѓаните.

Таа посебно го истакна човечкиот фактор како основа на секоја современа армија, посочувајќи дека современата опрема сама по себе не е доволна без добро обучен, подготвен и професионален кадар.

Според претседателката, високите оценки на Лесната пешадиска баталјонска група, како и учеството на македонските припадници во меѓународни мисии и операции, се потврда дека Армијата успешно ги применува стандардите на НАТО и придонесува кон колективната безбедност.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски порача дека Армијата и одбраната се еден од клучните столбови на стабилноста на државата во услови на глобална несигурност.

Тој најави продолжување на активностите за модернизација на Армијата, развој на инфраструктурата, како и зголемување на бројот на обуки и воени вежби.

 – Ја зацврстуваме нашата безбедност, безбедноста на регионот и на источното крило на НАТО, но истовремено покажуваме дека сме кредибилен и доверлив сојузник во рамки на Алијансата – порача Мисајловски.

Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, 18 Август го опиша како ден на сеќавање и почит кон генерациите кои низ различни историски периоди придонесувале кон слободата и државноста.

Тој оцени дека изминатиот период бил исклучително успешен за Армијата, која, како што рече, повторно ја потврдила својата оперативна зрелост и способност за исполнување на националните и НАТО стандарди.

„Овој напредок е препознаен и од нашите сојузници“, истакна Лафчиски, посочувајќи на посетите на бројни високи политички и воени претставници и нивните оценки за професионалноста на македонските припадници и развојот на армиските способности.

Одликувања за Командата за операции и Центарот за дресура на кучиња

Во рамки на свеченоста, претседателката и врховна командантка Гордана Силјановска-Давкова со „Орден за воени заслуги“ ги одликуваше Командата за операции и Центарот за одгледување и дресура на кучиња.

Признанија добија и тројцата најдоброрангирани потпоручници од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ за периодот 2022–2026 година.

На свеченоста присуствуваа државниот врв, министри, пратеници, високи воени претставници од земјата и странство, воено-дипломатскиот кор, поранешни министри за одбрана и началници на Генералштабот, како и претставници на локалната самоуправа и организации со кои соработува Армијата.

Денот на Армијата – 18 Август е определен со одлука на Владата од 3 јуни 1993 година, во чест на формирањето на баталјонот „Мирче Ацев“ во 1943 година на Славеј Планина.