Pukanje Filipini
Фото: ЕПА

Ученик во живо го пренесувал вооружениот напад во училница во средно училиште во јужните Филипини, при што убил соученик, а потоа си го одзел животот. Во нападот се ранети уште две лица.

Инцидентот се случил во училиште поврзано со приватниот универзитет „Атенео де Замбоанга“ во градот Замбоанга. Според прелиминарниот полициски извештај, ученикот од деветто одделение влегол во кампусот вооружен со пиштол и пушка и отворил оган во училниците.

Градоначалникот на Замбоанга, Кимер Адан Оласо, изјавил дека властите потврдиле оти напаѓачот го пренесувал нападот во живо со камера поставена на телото.

Според снимката која ја потврди „Ројтерс“, напаѓачот влегол во училница и отворил оган, по што го сменил оружјето и продолжил да пука во друга училница. На снимките се гледа ученик како лежи на подот.

Полицијата соопшти дека жртвата била ученик во десетто одделение. Напаѓачот, ученик во деветто одделение, бил пронајден мртов на петтиот кат од училиштето, откако си го одзел животот. Жртвата била пронајдена на четвртиот кат.

Мотивот за нападот засега не е познат.

Според висок претставник на филипинската царинска служба, едното оружје кое го користел напаѓачот било пиштол калибар .40, издаден од Бирото за царина на неговиот татко, кој работел како царински службеник. Тој во меѓувреме бил отпуштен од работа.

Второто оружје пронајдено на местото било лично огнено оружје, исто така во сопственост на таткото на ученикот, соопштил претставникот.

Филипинскиот претседател Фердинанд Маркос помладиот им нареди на надлежните институции да спроведат истрага и да утврдат мерки за спречување на насилството во училиштата.

 – Нашите училишта се местото каде што им веруваме на нашите деца да учат, да растат и да сонуваат за животот што ги очекува. Тие исто така мора да бидат меѓу најбезбедните места во нашата земја – порача Маркос.

Филипинските медиуми објавија снимки од моментите по нападот, на кои се гледаат ученици како се засолнуваат во училниците додека одекнуваат истрели.

Ова е втор вооружен напад во училиште на Филипините за помалку од два месеца.