Фото: Гордана Силјановска Давкова/Фејсбук

По повод празникот 11 Октомври – Ден на народното востание, денеска во Кристалната сала на Собранието, беше врачена истоимената државна награда.

Одборот за доделување на државната награда, за животно дело во областа на науката, наградата им беше доделена на лингвистот проф. д-р Димитар Пандев, универзитетскиот професор Ѓулумсер Касапи и на проф. д-р Владо Поповски – доктор по историско-политички и правни науки. Во областа на културата и уметноста, наградата му беше доделена на писателот и универзитетски професор Венко Андоновски.

Претседателот на Одборот за државната награда „11 Октомври“, проф. д-р Светозар Антовиќ потенцира дека животните патишта, научните и творечките интереси на денешните добитници на наградата се различни, но, како што рече, постои една вредност која ги поврзува – тоа е вербата дека знаењето, културата и образованието можат да го напредуваат општеството напред.

-Почитувани добитници, со вашите дела вие докажувате дека македонскиот бит е жив, жилав и создава врвни цивилизациски вредности. Вие покажавте дека вистинскиот успех не се мери само со личните достигнувања, туку и со она што човекот го остава зад себе – со учениците што ги инспирирал, студентите што ги оградил, книгите што ги напишал и идеите што ги поттикнал, со современите вредности што ги градил во заедницата. Затоа, ова признание не е само награда за минатото, тоа е и порака до иднината, порака до младите дека трудот има смисла, дека знаењето има вредност, дека последователноста се препознава и дека државата има обврска да ги почитува оние кои со својата работа ја праваат плодна – рече Антовиќ.

Слободата, додаде тој, се освојува со храброст, но се зачувува со мудрост, знаење, солидарност и одговорност.

-Генерацијата во 1944 година ја исполни својата историска должност. Нашата должност, пак, е поинаква, но не помалку значајна. Ние сме должни да градиме држава во која младите ќе ја гледаат иднината, во која уметниците ќе можат слободно да создаваат и во која знаењето и чесната работа ќе бидат вистински општествени вредности. Држава во која различностите ќе нè збогатуваат, а нема да не разделуваат – рече Антовиќ.

Писателот и универзитетскиот професор Андоновски заблагодарувајќи се во име на сите добитници, истакна дека револуцијата, недостатокот и врвот се „три свети зборови“ што го објаснуваат човековиот стремеж кон успехот.

-Секој од нас си го проектира својот врв во животот кој сака да го достигне – рече Андоновски, додавајќи дека за постарите генерации „недостигот од леб и права“ бил двигателот што ги водел кон нивните цели.

Осврнувајќи се на значењето на достигнувањата, тој нагласи дека „патот до врвот ја чини смислата, а не качувањето на врвот“, додавајќи дека и по највисоките признанија остануваат нови предизвици.

Тој врв ни отвори многу наши внатрешни врвови кои допрва треба да ги освојуваме – порача Андоновски.

Наградата „11 Октомври“ се доделува за највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и други дејности од јавен интерес. Државната награда првпат е доделена во 1995 година, пренесува МИА.

Фото: Гордана Силјановска Давкова/Фејсбук
Фото: Гордана Силјановска Давкова/Фејсбук
Фото: Гордана Силјановска Давкова/Фејсбук
Фото: Гордана Силјановска Давкова/Фејсбук
Фото: Гордана Силјановска Давкова/Фејсбук