фото: Пиксабеј

Еден од основачите на бугарскиот клуб „Шемето“ во Струга, Бекир Кадриески, бил натепан од маж од струшко село. Од МВР велат дека станува збор за нарушен ред и мир и оти постапиле по случајот, додека бугарските медиуми, на нападот му даваат етнички предзнак.

Официјалните информации се дека Кадриески бил нападнат од извесен А.Н., а за случајот се највува и пријава од МВР.

-На 13.6.2023 година во 12.15 часот, во ОВР Струга пријавено е дека, во близина на спортска сала лоцирана на улицата „Боро Хаџиески“ во Струга, А.Н. од струшкото село Велешта го нарушил јавниот ред и мир со физички напад врз Б.К. од селото Лабуништа. Се преземаат мерки за расчистување на настанот по што, ОВР Струга ќе поднесе соодветна пријава – велат од МВР.

Бугарскиот портал Нова лицето кое е македонски државјанин го опишува како Бугарин, но без документи. Тие тврдат дека Кадриески бил навредуван.

„Тој нема бугарски пасош, но изјавува дека има бугарски идентитет“, пишува Нова.

Веднаш се огласи политичката партија ГЕРБ, која вели дека станува збор за напад поради неговата самосвест и ако се докаже оти било така ќе бараат преку сите можни меѓународни канали детално да се истражи случајот и виновниците да бидат казнети.

Македонското МВР објави за нападот, но нема информации во насока на тоа дека се работи за напад по етничка основа. Според првичните информации на МВР, двајцата подолг временски период имале нерасчистени меѓусебни односи.