Европски иницијативи со нови форми за доверба меѓу соседите Македонија и Бугарија

Европските претставници очигледно се за „долгорочни инвестиции во човечки ресурси“ и на македонска и на бугарска страна, кои „нема да го носат багажот на некомпромисност и непопустливост“… Се разбира дека тие ги сметаат овие споменати принципи за европски и цивилизациски, но сѐ би било во ред доколку истите тие сега не задираат во битието на поединецот, колективот и нацијата, врз кое се темели токму она што нѐ прави посебни и различни од другите: идентитетскиот код, јазикот, културата, историјата и другите белези што го идентификуваат македонскиот народ. И не е само тоа за издвојување. Самоидентификувањето како придобивка не е само македонска туку таа е и универзална, меѓународна придобивка за сите народи и нации, мали или повеќебројни… Го имаат ли тие воопшто предвид највисокиот меѓународноправен принцип јус когенс?

Ученици од Бугарија и од Македонија биле на заедничка посета во Брисел, каде што низ тридневно дружење, со учеството на ликовен натпревар, размениле информации за двете земји. Пораката од овој настан, која ја пренесе европратеникот Илхан Ќучук, е дека неопходно градење мостови на соработка меѓу Македонија и Бугарија. Ова не е прва ваква средба, која е организирана со посредство на европските институции, за приближување на граѓаните од двете земји. Пред неколку месеци во Бугарија се одржа средба на млади професионалци, претставници од новинарски редакции во двете земји, а основна цел било да се разговара за нови форми на соработка и како да се искористат можностите што се нудат преку европските фондови.

Дали Брисел искрено „инвестира“ во подолгорочни проекти на меѓудржавни и меѓусоседски односи?

Колку ваквите форми на соработка ќе придонесат за градење поголема доверба меѓу македонските и бугарските граѓани и институции? Дали Брисел „инвестира“ во подолгорочни проекти на меѓудржавни и меѓусоседски односи? Ќе ги земе ли предвид и во прв план различностите на двата ентитета, нивната различна етногенеза, различна историја, јазик и идентитет и во подалечна иднина, кога токму тие млади луѓе ќе созреат, а некои од нив и ќе бидат носители на државни функции или лидери во некои области: политика, бизнис, економија, финансии, безбедност? Засега сето ова потпаѓа во рубриката „дискутабилно“, ако се има предвид досегашната позната реторика што беше емитирана од највисоките институции во Бугарија, на сметка на македонските колеги што ги застапуваат ставовите за посебноста на македонскиот јазик, историја и идентитет. Уште повеќе, тезите за негирање на македонскиот народ се веќе интегрален и неодминлив дел од информативниот простор на телевизиските програми, печатот и социјалните мрежи во Бугарија.

На средбата на македонските и бугарските новинари главна тема биле соработката и размената на искуства во медиумската сфера, но не биле заобиколени и некои политички прашања, како што беше и потпишувањето на т.н. француски предлог за соработка меѓу Македонија и Бугарија.
– Дебатата со бугарските колеги беше многу поинаква од таа што се води на политичко ниво. Нашиот фокус повеќе беше насочен кон соработката во новинарската дејност. Неоспорно е дека Бугарија има поголем медиумски пазар од Македонија, а многу нејзини фирми се заинтересирани се за проширување на економската соработка. Тоа што забележав е дека ние многу малку се познаваме. Неинформираноста е и извор на недовербата што е присутна меѓу двата народа. Во дебатите беа изнесувани и стереотипите што се присутни и во јавноста, но нивото на комуникација секако дека беше многу различно и од тоа што се прави од страна на политичарите. Бугарските колеги се обидуваа да појаснат дека е погрешно мислењето од наша страна, дека нивната земја била примена во Европската Унија од геополитички причини, за што морале да направат и крупни отстапки, како што се затворање на нуклеарните блокови, признавањето на Косово и сл. – ни изјави Столе Наумов, новинар од Канал 77.

Европејците инсистираат на форми на меко медијаторство, нашите балкански форми по дефиниција се „тврди политички дебати“

Средбата со бугарските новинари беше искористена повеќе за размена на искуства во медиумската сфера, а дека изостанале „жешките“ теми од историјата, ни изјави новинарката Искра Опетческа.
– Нашето интересирање беше насочено кон новинарството, за што изнесувавме конкретни аргументи. Кај бугарските колеги имаше поинаков пристап, на што досега сме навикнале од настапите на политичарите. Темите од историјата беа заобиколувани, бидејќи ни ние, а ни тие располагаа со доволно познавање за настаните и личностите од минатото. Кога се одржуваше средбата, дебатата се водеше во правец на тоа што би значело тоа за идните односи меѓу двете земји, односно идните односи што треба да ги градат токму идните генерации – вели Опетческа.

Сепак, европските претставници очигледно се за „долгорочни инвестиции во човечки ресурси“ и на македонска и на бугарска страна, кои нема да го носат багажот на некомпромисност и непопустливост… Се разбира дека тие ги сметаат овие споменати принципи за европски и цивилизациски, но сѐ би било во ред доколку истите тие не задираат во битието на поединецот, колективот и нацијата, врз кое се темели токму она што нѐ прави посебни и различни од другите: идентитетскиот код, јазикот, културата, историјата и другите белези што го идентификуваат македонскиот народ. И не само тоа, ваквата придобивка не е само македонска туку таа е и универзална, меѓународна придобивка за сите народи и нации, мали или повеќебројни. Тоа придобивка е врховно перемпторно право во меѓународното јавно право, наречено јус когенс. Ако е тоа појдовната точка за добрососедска соработка, Европа не мора да чека нови генерации, соработката на тие основи може да почне уште веднаш. М.Ј.