Пред промоцијата на книгата „Езерата и империите во македонската историја“ од Џејмс Петифер и Миранда Викерс

Во книгата, авторите ја истражуваат историјата на селото Нивици (Псарадес), кое е сместено во Леринскиот Округ во Грција, меѓутоа во контекст на пошироката историја на регионот што на крајот кулминирала со поделба на Македонија по Балканските војни. Самиот автор вели дека споменатото село честопати било вклучувано во долготрајните конфликти за иднината на Македонија. Да не заборавиме дека во поновата историја токму Нивици беше одбрано и како место каде што беше потпишан таканаречениот Преспански договор или Спогодбата од Нивици, со што Македонија беше преименувана и беше принудена да се откаже од своето име

На 4 октомври, во клубот „Матица“, ексклузивно ќе биде презентирана книгата „Езерата и империите во македонската историја“ од Џејмс Петифер и Миранда Викерс. Споменатиот автор Петифер е британски академик, автор и новинар, чија специјалност се балканските состојби. Во моментов предава балканска историја на колеџот „Сент Крос“, Оксфорд, како и на Историскиот факултет на Универзитетот во Оксфорд. Вториот автор е Миранда Викерс, која студирала на Универзитетот во Лондон, магистрирајќи балканска историја. За време на југословенските војни, таа работела како новинарка во Косово.

Во книгата, авторите ја истражуваат историјата на селото Нивици (Псарадес), кое е сместено во Леринскиот Округ во Грција, меѓутоа во контекст на пошироката историја на регионот што на крајот кулминирала со поделба на Македонија по Балканските војни. Самиот автор вели дека споменатото село честопати било вклучувано во долготрајните конфликти за иднината на Македонија. Во почетокот на 20 век било центар на активностите на Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМОРО), како и за време на Втората светска војна и Грчката граѓанска војна во средината на 20 век. Да не заборавиме дека во поновата историја токму Нивици беше одбрано и како место каде што беше потпишан таканаречениот Преспанскиот договор или Спогодбата од Нивици, со што Македонија беше преименувана и беше принудена да се откаже од своето име.

Авторите посочуваат дека во текот на последните сто години, околу Преспа се случиле некои од најдраматичните и најзначајни воени и политички борби на дваесеттиот век на Балканот, како во борбата на народот за слобода под нацистичката окупација, така потоа и во периодот на Граѓанската војна во Грција. Во овој контекст, оваа многу мала група на крајбрежни села е централно испреплетена со судбината на регионалните сили и транснационалните империи. Преспа одигра клучна улога во Граѓанската војна во Грција, особено во периодот помеѓу 1947 и 1949 година.

За трудот, самиот Петифер вели дека станува збор за микроисторија каде што историјата на Преспа ги отелотворува најважните елементи во македонската историја во многу различни историски периоди. Авторот исто така се потрудил да ги истражи византиското и отоманското наследство и односот на овие системи кон современиот општествен и политички развој на Преспа, главно преку развојот на важните градови Ресен и Битола.

Во споменатата книга, авторите исто така наведуваат дека во Грција македонскиот регионален јазик може да се слушне како се зборува во некои грчки места, особено во руралните области. Според авторот, јазикот воопшто не се зборувал јавно, во никакви околности, кога за првпат започнал да ја посетува и проучува областа во 1992 година.
Во трудот се цитирани грчките пописни податоци од 1928 година, според кои, сѐ уште постоела категорија за македонски Словени, а како такви биле запишани 82.000 луѓе, односно 1,3 отсто од вкупното грчко население. Во однос на крајот на Грчката граѓанска војна, авторот посочува дека околу 90.000 луѓе како бегалци ја минале северната граница.

Во книгата исто така се посочува дека Преспа ја доживеала најинтензивната репресија во северна Грција, каде што сѐ уште имало села што го одржувале својот словенски и во нивните очи македонски јазик и културен идентитет. Егзодусот бил целосен во Преспа поради военото значење во подоцнежните фази на Граѓанската војна во Грција. Авторот исто така пишува дека во споредба со Преспа, многу луѓе што имале македонски идентитет и го употребувале мајчиниот јазик останале во своите села.
Регионот на Преспа бил предмет на жестока повоена кампања против нивната култура и имот од страна на Владата во Атина, кога по јануари 1948 година беше донесен законот за „М“, кој ѝ овозможи на Владата во Атина да го конфискува нивниот имот и да го повлече нивното државјанство, закон што остана во полна сила до 1985 година, пишува во книгата „Езерата и империите во македонската историја“. Д.Ст.