Фото: Маја Јаневска-Илиева

Иднината на Македонија и нејзините граѓани е во рамките на ЕУ, бидејќи само заедно сме доволно силни да се соочиме со предизвиците на тешкото геостратешко опкружување, а за да стигнете во Унијата треба да продолжите да одите напред и како држава и како општество, порача денеска високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел по денешниот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација, што се одржа во Скопје.

– Да се оди напред значи да се продолжи со усвојување и имплементирање реформи коишто воведуваат европски стандарди и коишто носат конкретни политички и економски поволности за луѓето тука – истакна Борел на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји.

Борел потенцира дека одењето напред подразбира и подобрување на односите со соседи, во кој пакет спаѓа и да се создадат услови за усвојување на уставните измени.

Според него, оваа година е клучна по договорот од јули минатата година, кога, како што рече земјава ја доби „најдобрата зделка што можеше да ја добиете“ и не е реално да се очекува повторно отворање и преговарање за Преговарачката рамка.

– На нејзина основа вашата иднина е во ЕУ. Сега е време сите политички партии да си ги преземат своите обврски и искрено да работат на продолжување на оваа патека, додаде Борел.

Тој повтори дека лани во јули во договор со сите 27 земји членки на ЕУ, Северна Македонија ги отвори преговорите за членство, што е важен датум во историјата на земјата и нејзиниот пат кон ЕУ.
– Вратите за целосно членство се сега отворени. Нашиот состанок денеска претставуваше добра шанса да се види што е веќе направено, што е постигнато од Северна Македонија и како изгледа работата па потребните критериуми за членство и од економски и од политички аспект – рече Борел.

Тој потсети дека Советот за стабилизација и асоцијација како највисок политички форум за дијалогот помеѓу ЕУ и држава кандидат, вообичаено се одржува во Брисел или во Луксембург, а тоа што денеска првпат се одржува во Скопје, Унијата сакала да покаже колку го цени прогресот што го постигнала земјата на нејзиниот европски пат и колкаво значење му придава на односите со Македонија, како нејзина идна членка.

– Тоа што го одржавме денеска тука овој Совет е јасен знак дека ЕУ ви се приближува и ви покажува дека Западниот Балкан и ќе продолжи да биде во иднина клучен приоритет за ЕУ и важен дел од нашата геополитичка димензија – додаде Борел.

Високиот претставник на ЕУ потенцира дека на состанокот се разговарало кои задачи стојат пред земјава, особено во делот за владеењето на правото, правосудниот систем и борбата против корупцијата.

– Разговаравме и за регионалниот и меѓународниот контекст и како нелегалната агресија на Русија врз Украина креираше нови геостратешки предизвици за сите нас, не само за Украина, не само за ЕУ, туку и за Западниот Балкан и за Северна Македонија и за целиот свет. Северна Македонија покажа јасна поддршка на надворешната политика на ЕУ и конзистентно целосно хармонизирање со нашите позиции и одлуки, вклучувајќи ги и санкциите кон Русија – изјави Борел, додавајќи дека ЕУ многу ја цени важната помош што земјава и ја обезбеди на Украина.

Според него, со своите стратешки избори земјава покажа вистинско европско однесување и посветеност на заеднички принципи и вредности, пофалувајќи ја притоа нејзината улога како претседавач со ОБСЕ во одбраната на европските вредности.

– На тој начин Северна Македонија покажува дека е добар партнер на ЕУ. Но, јас знам и сите знаеме дека во исто време оваа позиција Ве прави и мета на акции на непријателски активности од оние коишто се противат на меѓународните принципи и затоа сме посветени да ја изградиме вашата отпорност – рече Борел.

Тој потенцира дека е зајакнат дијалогот за справување со хибридни закани и кибер безбедноста, вклучувајќи ја и заштитата на критичната инфраструктура и повтори, дека ЕУ обезбеди девет милиони евра од Европскиот инструмент за мир за надградување на опремата на пешадискиот баталјон на Армијата.

-Да заклучам, Северна Македонија покажува огромна посветеност и добра подготовка да го продолжи процесот на пристапување. Клучно е да се надгради неодамнешниот напор и да се продолжи со реформите за да не се дозволи враќање наназад или одложување. ЕУ ќе стои до вас, ќе ве поддржи, ќе ви дава насоки, ќе ве поддржува и во овие тешки времиња и ќе и помогне на Владата да обезбеди субвенции за сметките за струја на нејзините граѓани. Но, нашата поддршка и помош е многу поширока и е наменета за сите луѓе тука, но и за луѓето во ЕУ, бидејќи се трудиме да изградиме заедничка иднина – потенцира Борел.