Фото: Принтскрин

Компаниите од денеска можат електронски да добиваат Уверение за квалитет за земјоделски производи, преработки и стоки, како и Уверение за квалитет В1 – Сертификат за извоз на вино, преку Националниот портал за услуги – uslugi.gov.mk.

Новите услуги ги претставија министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Ивица Ангеловски, кои истакнаа дека електронските сертификати ќе имаат иста правна важност како и документите во хартиена форма.

Станува збор за услуги наменети за секторите земјоделство и винарство, со цел да се поедностават административните процедури, да се забрза издавањето на документите и да се олесни извозот.

 – Нашата цел е јавните услуги да бидат побрзи, поедноставни и подостапни, а институциите поефикасни и поодговорни. Продолжуваме да градиме дигитална држава која штеди време, ги намалува трошоците и создава подобри услови за работа и економски развој – изјави Андоновски.

Тој нагласи дека за компаниите брзото добивање документи е директно поврзано со нивната конкурентност и можностите за извоз, додавајќи дека дигитализацијата придонесува и за поголема транспарентност и намалување на ризикот од корупција преку јасни и електронски следливи процедури.

Директорот на Инспекторатот, Ивица Ангеловски, истакна дека со новите услуги се елиминира потребата компаниите лично да ги подигнуваат сертификатите, а целосно е дигитализиран и процесот на плаќање на административните такси.

Наместо досегашното плаќање со хартиени уплатници, административните такси отсега ќе може да се плаќаат електронски преку апликации за електронско банкарство, што, според Ангеловски, ќе овозможи побрза, поедноставна и поефикасна постапка.