Фото: Министерство за здравство

Во Македонија во моментов 168 пациенти чекаат трансплантација на бубрег, 37 на срце, 12 на црн дроб и 23 на рожница, соопшти денеска министерот за здравство Азир Алиу на прес-конференција посветена на трансплантацијата, пренесе МИА.

Тој оцени дека измените на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување претставуваат значаен чекор во развојот на трансплантацискиот систем.

-Со усвојувањето на законските измени државата направи силен исчекор. Органодарителството денес е тема на доверба, лична волја, солидарност и зрелост на општеството – рече Алиу.

Според него, реформата е резултат на јавна кампања и повеќемесечна работа со цел граѓаните да бидат подобро информирани за значењето на органодарителството и за неговата хумана димензија.

Со новото законско решение, секој полнолетен граѓанин ќе може при посета кај својот матичен лекар да се изјасни дали сака или не сака по смртта да биде органодарител. Изјавата ќе биде евидентирана во системот, а граѓаните ќе можат во секое време да ја променат својата одлука.

Министерот нагласи дека избраниот лекар ќе има обврска да го информира граѓанинот за значењето и правните последици од одлуката, додека пристапот до овие податоци ќе биде строго контролиран и достапен само за овластени лица.

Новиот систем треба да почне да функционира од 1 октомври 2026 година, а до тогаш ќе се работи на неговата техничка, институционална и комуникациска подготовка.

Националниот координатор за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, истакна дека законските измени се резултат на анализи кои покажале дека најголем предизвик не е стручноста на медицинските тимови, туку нискиот број согласности за дарување органи.

-Одлучивме индивидуата и нејзината волја да ги ставиме во центарот на системот. Органодарителството останува целосно доброволно, а секој граѓанин ќе може во секое време да ја промени својата одлука – нагласи Кузмановска.

На прес-конференцијата беше посочено дека новиот модел ќе се спроведува според меѓународните стандарди што се применуваат во земјите со најуспешни трансплантациски системи.