Колку глупаво и бесмислено прашање, ако има некој против, нека се јави? Всушност, ова не е прашање туку е обична банална скрпена реченица, поглупав и побанален наслов за колумна досега не сум одбрал, но бидејќи и темата е исто така простичка, ќе се согласи со насловот. На прв поглед оваа порака изгледа како да е насочена кон нас, кон сите граѓани од државата. Така изгледа ако се гледа на прв поглед, но ако погледнеме од втор поглед или од друг агол, оваа склепана реченица (таа е моја творба смислена за потребите на колумната) не е наменета за сите нас, туку е насочена кон одредена група граѓани што мислат поинаку од власта.
Оттука, во ваквата хаотична состојба во која сме доведени, за корупцијата и криминалот, власта нема ништо против и зошто би се јавувала. Како второ, ние граѓаните секогаш кога бевме повикани се јавувавме, на локални, претседателски или какви било други избори, бевме присутни на неколку референдуми. Значи, кога требаше, се јавувавме и покрај тоа што често нашето мислење беше злоупотребувано! Можам да додадам дека и опозицијата е сместена во оваа групација, бидејќи таа жестоко е против некои дејства што ги прави власта и често се јавува.
За возврат, власта ја фрла пораката како јадица, а ако некој од опозицијата се закачи на неа, ќе заврши како тие што добија двесте и кусур години робија, како да сме поназад од средниот век. Но често, случајно или не, секогаш се случуваат непредвидени работи.
На пример, на осумнаесетти август во македонското собрание требаше да се гласа за отворање на Уставот, неколку пратеници од власта ги немаше, не се јавија. Јас им честитам што веројатно имаат нешто против и не се јавија, а зошто да се јават? Ако станува збор за добра работа, може некој да се јави, ама ако станува збор за чисто предавство, отворањето на Уставот и вметнувањето на Бугарите на еден непринципиелен начин е предавство од прв ред, во таков случај кој будала ќе се јави? Не велам и не мислам дека нема и такви!
Итриот Џафери, кога виде дека нема пратеници колку што му требаат, ја прекина седницата и реши да не се јави кога ќе биде наредната. Во време кога на сите страни фрчат тендери, провизии за домашни и надворешни советници, зошто Џафери треба да има нешто против, да се јави и ја закаже наредната седница? Башибозукот и нередот и на Џафери му одговараат, зошто да се јави? Знам дека не се многу паметни, но исто така не се до таа мера глупави да закажат седница во која знаат дека ќе изгубат. А кој сака да загуби? Никој.
Ако се размисли посериозно и подлабоко, нормално е што од власта не се јавува никој, причини за тоа има многу. На пример, од етички причини никој не сака да се јави бидејќи ретко кој сака своето лично мислење без причина и без конкретен повод го расфрла горе-долу или лево-десно. Такви луѓе нема или, ако има, може да се избројат на прсти. Кога некој може да ве изброи на прсти, тоа значи дека сте ептен малку, а кога сте малку си велите зошто да се јавам. Ќе си седам овде под сенка, кога сум под сенка помалку сум забележлив и тоa e добра работа. За многу работи сум против ама не се јавувам!
Втора работа што може да биде причина зошто власта бега да каже дека има нешто против и да се јави е стравот. Доаѓаат избори, се губи комодитетот, кој е лоша навика, затоа стравот е опасна работа, плус ако се помеша со сомнеж, во таков случај се добива сериозна и драматична состојба.
Ние граѓаните речиси никогаш не сме погрешиле кога сме биле прашани дали сакаме да одиме таму или ваму, одговорите секогаш биле насочени кон позитивните одредници и во таа насока немало промашувања. На вистинските прашања безброј пати сме рекле да, сме за одење кон напред и кон повисоко. Меѓутоа, како и во многу други работи, постојат сомнежи, недоверби и добро смислени лаги, во таков случај нештата вртоглаво се менуваат и се добиваат куп потпрашања. На пример, ако има типови од власта што имаат нешто против, зошто не се јават и јавно, пред целата нација, не го кажат тоа што го мислат, наместо да играат двојна улога?
Да бидеме начисто, за таква работа се потребни асли личности, мажи, борци како нашите дамнешни јунаци, луѓе што не велат еднаш вака ,за по еден час да мислат поинаку. Таквите ги нема веќе, сите се предадени и продадени за пари и потоа ликвидирани. Тоа го потврдува историјата, а таа, историјата, не лаже, си кажува како било и што се случувало! Има и такви што мислат дека историјата ќе ја променеле, други велат ќе ја ретуширале! Нема личност или народ што ретуширале историја – нивната или таа на соседот. Таква работа немало и не се случила, односно, да се поправам, имало, но само за краток историски период, кога некои поробиле народ и туѓа територија и си ја присвоиле, ама привремено.
И така историјата, кога ѝ доаѓа времето, пресекува како балтија – штрак и готово, нема коментари или оправдувања од видот ама тие биле посилни и ние мислевме вака, па онака, знаете тоа било друго време. И во ова време има неправди колку сакате, ама тоа не значи дека треба да нѐ совлада малодушноста што излегува од неисполнети ветувања, односно кога се лаже! А лагата, особено кога доаѓа од високо, е неприфатлива и неподнослива.
Замислете авионче полетува од Брисел, во него покрај екипажот летаат четири наши важни (лажни) политички личности и кога се наоѓаат горе, на високо, со силни насмевки ни велат, ние сме на високо, кога авиончето ќе се симне на пистата од скопскиот аеродром, сите четворица со исти насмевки ни велат, сега сме ниско, многу ниско на земја. Значи, господата кога беа на високо нѐ лажеа нас, граѓаните, кога се прилепија на земја повторно безобразно нѐ лажеа, нѐ убедуваа овој пат сме ниско, ама утре ќе бидеме високо! И не само во авиончето, им стана навика, како ги менуваа местата и позициите, така постојано нѐ лажеа за една работа, па за друга, нѐ возеа и се возат како да се на рингишпил.
Кога власта сака да ни струполи големи лаги, како што е ова со промена на Уставот, како по обичај во земјава почнуваат да дефилираат високи политички функционери од ЕУ и надвор од неа. Некои од нив доаѓаат со намера добро да нѐ замесат, потоа ќе нѐ исцедат за да бидеме подготвени да ги проголтаме кнедлите што ни ги приготвува власта. А оваа гарнитура на политичари од високо ни нуди апсурдни лаги, од ниско исто така лаги, ама самоуништувачки, некултурни и простачки.
А ние граѓаните имаме кажано – сакаме да одиме високо, до Брисел и подалеку, и сложно сите да одиме напред како да сме сите една мисла и едно тело, но кога од другата страна никој не се јавува, тоа станува проблематично и имаме политичко недоразбирање меѓу власта и граѓаните. Во една држава нема подобра кочница за неодење напред од тоа.
Значи, ако повторно се вратиме на почетокот и уште еднаш ја прочитаме простата реченица – ако има некој против, нека се јави – од страна на власта ќе се случи истото, никој нема да се јави. Тоа значи дека горе имаме „ветрушки“ што сакаат да играат улоги на дипломати и политичари, а не ги бидува, бидејќи се просто прочитани, создаваат хаос што им одговара, за него не се против, затоа не се јавуваат.