Со ратификацијата на протоколот во шпанскиот сенат, Македонија го заокружува процесот за целосно членство во НАТО

Шпанскиот сенат, во текот на вчерашниот ден, 17 март, го ратификува протоколот за членство на Македонија во НАТО. Пристапниот протокол беше изгласан едногласно, на пленарна седница, нo со гласање од далечина, без физичко присуство на сенаторите во шпанскиот парламент. Со овој чин, Македонија го заокружува процесот за целосно членство во НАТО, иако остануваат уште неколку формални чекори за официјализирање на статусот – 30- та членка на Алијансата. По ратификацијата во Сенатот, документот треба да оди на одобрување и потпис кај кралот Фелипе Шести. А потоа протоколот ќе биде испратен во депозитарот во американскиот Стејт департмент во Вашингтон.

– Со нула гласови „против“ шпанскиот сенат го ратификува протоколот. Во име на Владата и сите македонски граѓани изразувам благодарност до Шпанија, шпанскиот Сенат, до министерката за надворешни работи што ова прашање беше ставено на дневен ред во вакви тешки околности и во светот и во Европа и за Шпанија – изјави шефот на македонската дипломатијата Никола Димитров на заедничката-прес-конференција во Владата со шпанскиот амбасадор во Македонија, Емилио Лоренцо Сера.

Шпанија беше последната земја што требаше да го ратификува протоколот. Целата процедура таму се оддолжи поради политичката криза, кога 10 месеци не можеше да се формира влада и двапати се одржаа избори.
Првпат пленарна седница во шпанскиот сенат се одржа со видеолинк, а сенаторите гласаа без физички да бидат присутни во Сенатот, поради состојбата со коронавирусот, со оглед на тоа што Шпанија е во категоријата на високоризични држави. На седницата физички присуствуваа претседателот на Сенатот, Пилар Лоп, и уште неколкумина.