Поради ниските температури што се најавуваат за утре на целата територија на државата, Министерството за здравство им препорачува на граѓаните да носат повеќеслојна облека, соодветни обувки за снег и мраз и почеста консумација на топли напитоци.
Од Комисијата за превенција од штетни ефекти од студени бранови при Министерството препорачуваат и избегнување алкохол, бидејќи го зголемува ризикот од хипотермија, како и редовно земање на пропишаната терапија кај хронично болните, а во случај на потешкотии со дишењето, се препорачува граѓаните веднаш да се јават кај својот матичен лекар.
Исто така, се препорачува да се избегнува практикување физичка активност на отворено, а при движење особено да се внимава на лизгави површини.
– Комисијата при Министерството за здравство во континуитет ја следи состојбата низ целата држава и јавноста соодветно ќе биде информирана – се наведува во соопштението на ресорното министерство.
Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), за утре се најавува жолта (алерtна фаза).
Времето во текот на утрешниот ден ќе биде претежно ведро и студено, преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб северозападен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од -18 до -7, а максималната ќе достигне од -3 до 5 Целзиусови степени.
Во Скопје утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до -12, а максималната ќе достигне до 2 степени.
Од УХРМ информираат дека до сабота ќе се задржи стабилно време со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст. По одделни котлини во претпладневните часови ќе има услови за појава на магла. В сабота преку денот и во текот на ноќта кон недела времето ќе биде променливо облачно со локални врнежи од дожд во пониските и снег во повисоките места и на планините.
Врнежите ќе бидат со послаб интензитет.