Во последните 24 часа направени се 1.019 тестирања, при што регистрирани се 125 нови случаи на ковид-19, соопштија од Министерството за здравство.

Најголемиот дел од нив, вкупно 89, се регистрирани во Скопје, додека во Тетово има 11, Охрид 8, Куманово 4, Струга 3, Штип, Прилеп и Струмица по 2, додека по еден новозаболен има во Велес, Гостивар, Кичево и Ресен.

Со ова, вкупната бројка на заразени лица од корона вирусот во земјава достигна 3.364, додека бројот на активни случаи заболени со ковид-19 е 1.536, при што најголемиот број од нив се регистрирани во Скопје.

Во изминатото деноноќие на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа четири лица, и тоа 79-годишен пациент примен на клиниката на 19 мај, 66-годишна пациентка од Струга хоспитализирана на 8 јуни, 54-годишна пациентка од Скопје примена на 5 јуни и уште една 46-годишна пациентка од Тетово која починала при прием во амбуланта.

Во ГОБ „8 септември“ починаа две лица, и тоа пациентка од Скопје (77 ) примена на 8 јуни и пациентка од Струга (73) примена на 7 јуни.

Институтот за јавно здравје во изминатото деноноќие регистрирал 6 оздравени пациенти.

Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие, 19 теста се во рамките на скринингот во градинки во Скопје, каде нема позитивни на ковид-19. Досега во земјата се направени вкупно 39.033 тестирања за коронавирус, информираат од Министерството за здравство.