Од Министерството за здравство велат дека вакцинацијата се одвива со добро темпо на територијата на целата држава.

Заклучно со 4 септември, со една доза на вакцина против ковид-19 вакцинирани се 44,6 отсто од севкупното население над 18-годишна возраст. Вкупно 54 отсто од граѓаните над 40 години примиле барем една доза, односно 29 отсто од граѓаните помеѓу 18 и 39 години.

Според последните податоци, најголем опфат со една доза на вакцина има во Неготино 63,4%, Кавадарци 62,3% и Охрид 61,4%. По нив, најмногу вакцинирани со прва доза има во Гевгелија 59,8%, Берово 56%, Ресен 57,2%, Битола 55,8%, Ресен 57,2%, Пехчево 53%, Крушево 52,3%, Валандово 53,3%, Штип 51,9% и Пробиштип 50,5%.

Помеѓу 40-50% опфат на вакцинирано население со барем една доза на вакцина има во Демир Хисар, Велес, Свети Николе, Кочани, Делчево, Крива Паланка, Струга, Прилеп, Македонски Брод, и Скопје, а помеѓу 30-40% опфат во Кичево, Виница, Куманово, Кратово, Струмица, Тетово, Гостивар и Радовиш.

Најмал процент од населението, вакцинирано со барем една доза вакцина има во Гостивар 30,5% и Дебар 31,7%.

– Вакцини има во доволен број. Апелираме на заинтересираност и вклучување во процесот на вакцинација, особено до помладата популација на граѓани во периодот што следува. Вирусот не ги исклучува младите, а на тоа укажуваат бројките од последите анализи. Потребно е сега младите активно да се вклучат во опфатот со вакцинација и само на овој начин, со што поголем процент на вакцинирано население помеѓу помладата популација ќе го зацврстиме колективниот имунитет и заеднички ќе создадеме бариера на секој иден епидемиолошки бран предизвикан од вирусот ковид-19 – велат од МЗ.