Министерството за здравство ја информира јавноста дека од утрово Институтот за трансфузиона медицина во Скопје почна со дистрибуција на вакцината на „Астра зенека“ до здравствените установи во државата, каде што, почнувајќи од утре, ќе се одвива вакцинацијата на лицата над 77-годишна возраст.

Националниот систем „Мој термин“ од синоќа од 19 часот ги отвори термините преку кои матичните лекари закажуваат вакцинација на гараѓни што се опфатени во првата фаза и спаѓаат во групата 1Б од Националната стратегија за ковид-имунизација. Вакцинацијата ќе се одвива на постојните вакцинални пунктови во здравствените установи во градовите во државата.

Вакцинацијата е прецизно организиран процес, испораката на вакцини ќе оди сукцесивно. До крајот на оваа и за следната недела на територијата на целата држава пуштени се 9.577 термини, а досега закажани се 5.976 термини за вакцинација на граѓани над 77-годишна возраст. Од утре ќе почне вакцинацијата во Скопје, односно во поликлиниките „Јане Сандански“, „Чаир“ и во „Букурешт“, во здравствените домови во Прилеп, Охрид, Гостивар, Штип, Куманово, Велес, Битола, Струмица и во болницата во Кавадарци. Од петок ќе почне вакцинацијата во Тетово, Струга, Неготино, Крива Паланка, Вевчани, Валандово, Ростуше, Гостивар, Гевгелија, Делчево, Свети Николе, Ресен, Демир Хисар, Крушево, Македонска Каменица, Кратово, Кичево, Кочани, Радовиш, Виница, Пробиштип, Дебар, Пехчево и Македонски Брод.

Вакциналните пунктови во државата ќе работат во две смени, ќе бидат отворени од 8 до 20 часот, од понеделник до петок. Матичниот лекар не секој граѓанин кога му закажува тремин за вакцинација, должен е да му каже во колку часот треба да се вакцинира и на кој пункт во здравствената установа во која се спорведува вакцинација против Ковид-19.