Владата ја усвои информацијата за набавка на вакцини против ковид-19 за 2022 година, според која е утврдена потребата од набавка на 500.000 дози вакцини од производителот „Фајзер“.

Во набавката треба да бидат вклучени и педијатриските дози во количина од 1 отсто од вкупниот број деца во земјата на возраст од 5 до 12 години, односно околу 10.000 дози, соопшти Владата.

Во согласност со информацијата, дозите за возрасните треба да почнат да се испорачуваат од мај, а педијатриските дози во првото тримесечје на 2022 година. Вкупната количина треба да се испорача до декември в година.

Од Владата нагласија дека набавката на оваа количина вакцини против ковид-19 за 2022 година е заради заштита на јавното здравје и за рестартирање на економијата како јавен интерес.