Дополнително ќе се ограничи движењето на возрасните лица над 65 години и на младите до 18 години, рече министерот за здравство Венко Филипче. За новото ограничување ќе се разговара на владина седница попладнево.

– Утрово на состаноците со Комисијата за заразни болести и со централниот кризен штаб разговаравме за дополнително зајакнување на мерките за движење за граѓани во ризична група, односно оние над 65 годишна возраст, како најризична група според објавени публикации од земјите во светот и за младите до 18 години кои се преносители на болеста. Денес во 17 часот на седница ќе ги дискутираме овие мерки и ќе известиме за одлуката – рече министерот за здравство Филипче.

Доколку се донесе одлука, за посочените категории граѓани полицискиот час ќе трае подолго, а за сите останати на сила останува мерката за забрането движење во периодот од 21 часот до 6 часот следниот ден. Движењето за време на полицискиот час е дозволено само со посебни одобренија.