На кој начин Венецијанската комисија може да ја провери законитоста на постапките на владите во Европа, кои, како и Македонија, менаџираат со кризата во вонредна состојба, предизвикана од пандемијата на ковид-19.
Оваа дилема стана актуелна и во домашната јавност, во период кога македонското собрание е распуштено, а Владата активно донесува уредби со законска сила. Во меѓувреме Венецијанската комисијата побара владите да ги достават своите уредби што биле донесени од времето кога се спроведува вонредната состојба, заради проверка на законитоста.

Профeсорката Тања Каракамишева-Јовановска, која е поранешна претставничка на Македонија во Венецијанската комисија, истакнува дека во моментов постојат прецизни правила за функционирање на државата и на системот во време на вонредна состојба и по истекот на периодот на вонредната состојба.
Според неа, тоа што во Македонија нема закон за вонредна состојба е пропуст на сите досегашни политички гарнитури што не нашле за потребно попрецизно да ги дефинираат правилата на игра во ваква состојба.

– Во отсуство на домашни правила, потребно е да се почитуваат препораките и мислењата на Венецијанската комисија, кои, генерално, се поставени врз два столба. Првиот столб е дека и во услови на вонредна состојба мора безусловно да се почитува владеењето на правото, како најважен принцип врз кој е поставен секој правен систем. И вториот столб е парламентарна и судска контрола на сите акти донесени од страна на владата и претседателот во време на вонредна состојба за заштита на владеењето на правото – вели професорката.
Каракамишева-Јовановска објаснува дека во нашиов случај, со оглед дека Собранието е распуштено, оваа парламентарна контрола би се направила од страна на новиот парламентарен состав.
Но таа додава дека прашање што заслужува одговор е зошто отсуствува „судската“ контрола од страна на Уставниот суд, кој има обврска да ја оценува уставноста на уредбите со законска сила, и зошто Уставниот суд молчи и покрај многубројните сомнежи во делот на уставноста на уредбите.
Министерката за правда Рената Дескоска, која е и актуелна претставничка во Венецијанската комисија, за „Нова Македонија“ вели дека државите кога ќе прогласат вонредна состојба го известуваат Советот на Европа за тоа и најавуваат кои права од Европската конвенција за човекови права ќе ги дерогираат.

– Кај нас тоа го направи МНР. Советот на Европа го следи спроведувањето на Европската конвенција. Ако има сомневање дека со уредбите непропорционално се ограничуваат одредени човекови права, во тој случај се активираат механизмите на Советот на Европа, од кој еден е и Венецијанската комисија. Така на пример во моментов има иницијативи за разгледување на уредбата на Унгарија што се однесува на слободата на медиумите – вели таа.

[email protected]